Раѓање на свети Јован Крстител – Иванден

RozhdestvoPredtechyРАЃАЊЕ НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ – ИВАНДЕН

(24 јуни/7 јули)

„А ти младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“

(Лука 1: 76)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

 Секоја една нова рожба носи радост во домот на родителите. Новата рожба значи и нов живот, нов почеток и продолжување на семејното потомство. Таква радост била доживеана и во домот на праведните Захариј и Елисавета, кога на денешен ден, пред околу дваесет векови, се родил големиот и славен пророк и Претеча Господен – свети Јован Крстител.

Според Христовите сведоштва, ниту еден, кој е роден на земјава, не бил толку величенствен и славен, како што бил светиот Јован Крстител. Денес, кога ги читавме евангелските зборови кои сведочат за него, убеден сум дека не постои човек кој не се восхитува за неговата величина. Восхитени сме од неговата подготвеност и можност неограничено да се биде предаден на својот Бог, а во истовреме да се биде предаден на својот земен повик. Затоа, светото Евангелие употребува прекрасни зборови со кои ја опишува личноста и делото на овој Божји угодник.

Меѓу другото, за свети Јован се вели дека е Претеча Христов, зашто Господ токму него го испратил пред Себе, за да им го пренесе на луѓето словото и начинот на вистински живот, за да можат да го сфатат и да го прифатат Христа. Впрочем, на некој начин сите ние сме Христови претечи, зашто начинот на нашиот живот и нашите дела треба да претставуваат основа по која ние ќе им сведочиме на ближните како треба вистински православно да се живее. Нашите дела и нашиот живот треба да го отворат патот по кој ќе тргнат и други и ќе постанат Христови слуги. Затоа ние, како православни христијани, врз себе носиме страшна одговорност. Затоа и ние, подобно на свети Јован, вистински сме претечи, но за разлика од него, ние уште многу труд и напор треба да вложиме, за да го достигнеме оној успех, кој го доживеал свети Јован, како вистински Христов Претеча.

Освен што е Христов Претеча, за свети Јован се вели дека е глас, кој вика во пустината. А, зборот пустина не означува само ненаселено и пусто место. Зборот пустина се однесува и на нашите срца и души, кои опустошеле заради отсуството на Божјата животочна сила. И сите ние сме окружени со безбројни човечки пустини, кои се жедни за гласот кој силно вика. А, пред да почне да говори, свети Јован и самиот беше во вистинска пустина, во Јорданската пустина, за да се сретне самиот со себе, но и за да се сретне директно со Бога, и така подготвен да излезе на проповед. Гласот, кој вика во пустината, е глас кон покајание, а тоа е мелемот за нашите рани, тоа е живата вода која вечно ги напојува нашите души, тоа е сончев зрак кој дава живот во нашите закоравени срца и кој нè поттикнува да се разбудиме од вечниот гревовен мрак.

А, ете, Јован, пребивајќи цели триесет години во пустината, постојано се борел со своето срце, со својот живот, и излегол на проповед. Затоа Евангелие­то не го нарекува пророк, туку глас. Глас, зашто тој толку многу се сродил со Божјата волја, станал еднаков со она животворно слово, кое било потребно да им го произнесе на луѓето, за во нив повторно да засветли животот и повторно да се роди радоста. Затоа свети Јован е жив глас, а не обичен човек кој говори. Преку свети Јован говори лично Бог и ни ја објавува својата вечна и света волја. Впрочем, така говореле и сите светии, зашто тие се Божји гласници и исполнители на Божјата волја.

Јован отфрлил сè земно за целосно да се предаде на Бога, па затоа бил повикан од пустината да влезе меѓу луѓето и да сведочи. Јован го ставил целиот свој живот во служба на Бога, не штедејќи се себеси, подготвен дури и со смрт да ја докаже вечната вистина. Имајќи го во предвид ова, секој од нас може да си го постави прашањето: има ли во мене искра на таква вера, каква што имал свети Јован, за да можам да ја разгорам искрата на верата кај моите ближни? Кога ближните го гледаат начинот на мојот живот, кога ги гледаат моите дела и кога ги слушаат моите зборови, дали се разгорува срцето во нив, подобно на патниците за Емаус? Ако не сме во можност да ги разгориме срцата во ближните, тогаш залудни ќе бидат сите наши напори во духовниот живот, сè додека тие не принесат конкретен плод.

Иако Евангелието ни сведочи дека Јован е голем пред Господа, сепак, неговото смирение и неговата снисходливост е бескрај­на. Тој бил ставен дури и во затвор за своето праведно и чесно слово. Во исто време Господ Исус Христос излегол на проповед, окружен со Своите ученици и израснал во полна мерка на Својот земен повик. А Јован, знаејќи, дека му се приближува смртниот час, испратил свои ученици при Христа да го прашаат: Кој е Он? Дали е Он очекуваниот Спасител, или треба да очекуваат друг? Со одговорот, кој им го дал Христос, само ја потврдил цврстата вера на свети Јован и ги исполнил неговите очекувања, кои ги имал. Зашто Христос не им одговорил директно кој е, туку им рекол да одат при Јована и да му кажат што гледаат: слепи прогледуваат, хроми проодуваат и на бедни им се проповеда Евангелието. Откако ги слушнал овие зборови, свети Јован сигурно бил исполнет со блажена радост, зашто сфатил дека неговиот труд не бил залуден и дека биле исполнети сите негови очекувања. Исполнет со такви чувства, свети Јован без грижа на совеста, со цврста вера во воскресението, бил подготвен да ја положи својата глава под џелатовиот меч и триумфално да го заврши својот живот – како вечен победник и вечен гласник на прекрасната и куса Божја порака – покајте се!

Радоста на Захариј и Елисавета за раѓањето на нивниот син била голема и во исто време и оправдана, зашто врз нивниот син се исполниле сите очекувања. Свети Јован дојде во светот за да ја најави победата на доброто над злото, триумфот на среќата над несреќата и воспоставувањето на врска меѓу небото и земјата. Дојде за да го запре светот за да не потоне во мракот и да не заталка од патот на Божјата правда и вистина. Дојде за да се бори за нешто, кое е многу поголемо од сето она, за што се борат обичните смртници, а тоа е Божјиот закон. Дојде за да биде носител на Божјите завети, гласник на вечниот живот, борец против злото и против разните злотвори. Затоа за неговото раѓање се радувале не само неговите родители, туку и сите оние кои жедно го очекувале доаѓањето на Оној, чии патеки требало да ги приготви свети Јован.

На прагот се наоѓале големите настани кои требало да се случат и кои барале голем човек, кој ќе биде во можност да ги благовести. И навистина, преку устата на свети Јован тие величенствено биле најавени. Со својот моќен збор тој вистински го подготвил тогашниот свет, па затоа со нетрпеливост бил очекуван да дојде Оној, кој низ сите векови бил пророкуван како Спасител на светот. Свети Јован бил достоен Претеча на Спасителот и Неговиот пат прекрасно го исправил. Прославувајќи го денес неговиот роден­ден, уште еднаш молитвено да се потсетиме на зборовите од црковниот поет, кој велегласно пее и извикува: „Ангелу, пророку, апостолу, Претечо, Крстите­лу, проповеднику на покајанието, наставнику, гласнику на светлината на Божјиот Син, моли се непрестано за нас, кои се вера го прославуваме твојот спомен“. Амин!

протоереј Златко Ангелески

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s