За недовербата кон соновите

84765ЗА НЕДОВЕРБАТА КОН СОНОВИТЕ

Демоните ги користат соновите за безредие и повреди на човечките души. Дури и неискусните монаси себе си штетат, ако обрнуваат внимание на своите сонови. Поради таа причина, неопходно е да се одреди значењето на сонувањето кај човекот, чија природа не е обновена од Светиот Дух. За време на човечкиот сон, состојбата на оној кој спие е таква што, Бог има така подредено, што целосно човекот во потполност одмора. Тој одмор е толку целосен, што човекот за време на сонот ја губи свеста за своето постоење и преминува во самозаборав. За време на сонот се прекинува секоја дејност што е поврзана со трудот и што се изведува произволно под власта на разумот и волјата. Останува само онаа дејност, што е неопходна за човечкото постоење и што не може да се одвои од него. Во телото крвта продолжува со своето движење, желудникот ја вари храната, белите дробови дишат воздух, кожата го испушта испарувањето, а во душата продолжуваат да се множат мислите, мечтите и чувствата, но не во зависност од разумот и волјата, туку по делувањето на несвесната природа. Сонувањето е проткаено токму од такви мечти, следени со мисли и сеќавања. Тоа често станува чудно, бидејќи не припаѓа на човечкиот систем свесно и намерно мечтаење и размислување, туку само произволно и молчаливо се одигрува во зависнот од природата. Понекогаш сонувањата носат на себе печат од неповрзани произволни размислувања и мечтаења, а понекојпат е одраз на моралната состојба. Поради тоа сонувањето, само по себе, не може и не треба да има никакво значење. Смешна е и потполно нелогична желбата на поедини луѓе во матните соништа да гледаат претскажување на своите или на туѓи иднини или било какво друго значење. Како да се оствари тоа, за чие постоење нема никаква причина?

Демоните имаат пристап на нашите души додека сме будни, но го имаат и за време на спиењето. И во време на сонувањето тие нас нè искушуваат во гревот, додавајќи на нашето мечтаење свои мечти. Исто така, гледајќи дека ние им обрнуваме внимание на соновите, тие се трудат да ги направат позанимливи, а во нас побудуваат уште поголемо внимание кон таквите бесмислици и малку помaлку ја загреваат нашата доверба кон соновите. Оваа доверба е секогаш тесно поврзана со смисленост, а смисленоста на човекот му дава потполна лажна слика за самиот себе, со што неговата дејност ја губи секоја правилност. За право, тоа на демоните и им е потребно. На оние кои им даваат простор, демоните почнуваат да се јавуваат во вид на светли ангели, маченици и преподобни, дури во вид на Мајката Божја и самиот Христос, олеснувајќи им го животот, ветувајќи им венци небесни и со тоа ги заведуваат на висините од суетата и гордоста. Таа висина истовремено е и погубителен амбис. Треба добро да знаеме дека ние во нашата состојба, додека уште не сме обновени со благодат, не сме способни да имаме други соништа освен душевните бесмислици и демонските прикази. Како што во бедната состојба непрестано никнат во нас помисли и мечтаења од паднатата природа или нас ни ги доставуваат демоните, така и во сонот ние гледаме мечти по делувањето на паднатата природа застапувана од демоните.

Нашата утеха во будна состојба се состои од умиление што се раѓа кога постануваме свесни за сопствените гревови, кога си спомнуваме за смртта и судот Божји. Утешните помисли во нас се појавуваат од Божјата благодат што живее во нас уште од светото Крштение, а нас ни ги прикажуваат ангелите во склад со нашата покајничка состојба. Така понекогаш станува и во сонот, но многу ретко, во крајна потреба. Тогаш нас Божјите ангели ни ја прикажуваат нашатаа смрт или маките во пеколот , или Страшииот суд по смртта. Од такви сонови се исполнуваме со Божји страв и умиление и плачиме сами над себе. Но, такви сонови се допуштаат многу ретко, било на подвижникот, било на тешкиот грешник по посебно необјаслива Божја промисла. Нека никој од нас не помисли дека таа ни се дава така ретко поради недарежливоста на Божјата благодат спрема нас. Причината е во тоа што сè она што се случува со нас надвор од вообичаените правила предизвикува кај нас смисленост и го поматува нашето смирение, а смирението нам ни е толку неопходно за спасение.

Волјата Божја, во чие исполнување се состои човечкото спасение, прикажана е во Светото писмо така очигледно, така силно и така детално што поради спасението најчесто е отповеќе и непотребно да се нарушува општото правило. На умрениот богаташ, кој гомолел Лазара да им се јави од оној свет на неговите браќа за да ги убеди од широкиот да преминат на тесниот спасоносен пат, му е кажано: „Го имаат Мојсеја и пророците, нив нека ги слушаат“. А кога тој повторно рекол: „Не,… туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат“, добил одговор: „Штом Мојсеја и пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите тие нема да му поверуваат“ (Лука 16:29-31).

Искуството има покажано дека многу од тие кои се удостоиле во сон да видат митарства, страшниот суд и други задгробни ужаси, биле потресени од глетката за кратко време, а потоа се опуштиле, заборавиле што виделе и продолжиле да живеат како порано. Напротив, оние кои немале никакви виденија, туку внимателно се поучувале во законот Божји, постепено се исполниле со страв Божји, достигнале духовен напредок и радост што се раѓа како вест за спасение и преминале од земската долина на плачот во блажена вечност.

Свети Јован Лествичник вака говори за учеството на демоните кога сонуваат монасите: „Кога ние поради Господа го оставаме својот дом и домашните, и се предаваме на монашкиот подвиг поради љубовта Божја, тогаш демоните ни се одмаздуваат поради тоа и пробуваат да не вознемират преку соновите, прикажувајќи ни ги нашите роднини како плачат или умираат, или се во затвор и се изложени во неволја поради нас. Кој им верува на соновите, сличен е на оној кој се труди да ја стигне сопствената сенка и да ја фати. Демоните на суетата нам ни се прикажуваат во соништата во облик на пророци, благодарејќи на својата лукавост претпоставуваат што може да се случи во иднина и нè известуваат нас за тоа, како би паднале ние, кога ќе се исполни видението во недвосмисленост и би стекнале за себе високо мислење, како да сме веќе близу до пророчкиот дар. Демонот често станува пророк на оние, кои му веруваат, а за оние кои го презираат демонот е секогаш лажливец. Бидејќи е дух, демонот гледа сè што се случува во воздухот и кога ќе сфати дека некој умира, тој веднаш го известува лакомислениот човек за тоа во сон. Демоните не можат однапред да знаат ничија иднина, бидејќи инаку и гатачите би можеле да ја претскажуваат смртта. Тие се прикажуваат како светли ангели и често земаат на себе лик на некој маченик, и така во соновите ја прикажува нашата соработка со нив, а кога ќе се пробудиме, предизвикуваат кај нас радост и замисленост. Тоа нека ти биде знак за прелест (демонска заведеност). Светите ангели покажуваат мака и смрт, со тоа што после будењето се исполнуваме со страв и трепет. Ако почнеме да им се покоруваме на демоните во соновите, тогаш тие ќе почнат да ни се потсмеваат и во будна состојба. Оној, кој верува во соновите, потполно е неискусен, а кој не верува во ниеден сон, навистина е мудар. Верувај им само на оние сонови, што ти прикажуваат мака и суд, но ако по таквите сонови почне да те обзема очајание, тогаш и тие се од демоните“ (Свети Јован Лествичник).

Преподобен Касијан Римјанин кажува за некој монах, родум од Месопотамија, кој живеел во осамнички и испоснички живот, но пропаднал заведен од гледање демонски сонови. Кога виделе дека монахот малку се грижи за својот духовен развој и дека целото свое внимание го насочил на телесниот подвиг и нему, т.е. на телесниот подвиг (па со тоа на себе), си придава големо заначење, тие почнале да му прикажуваат сонови кои по демонското лукавство почнале да се остваруваат. Кога монахот се зацврстил во верувањето во своите сонови и во самиот себе, ѓаволот му ги прикажал во прекрасен сон Јудејците како се насладуваат со небесните блаженства, а христијаните како се мачат во адските маки. Демонот, се разбира, зел на себе изглед на ангел или на некој старозаветен праведник и притоа го посоветувал да прими јудејска вера, како би добил можност и тој да учествува во блаженството со Јудејците, што монахот без никакво расудување го исполнил (Слово за расудување, Добротољубие, 6. дел).

Ова што е речено доволно е да им објасни на нашите возљубени браќа, на современите монаси, колку е неразумно да се обрнува внимание на соновите, колку уште повеќе е неразумно да се има доверба во нив и каква страшна штета може да предизвика таквата доверба. Од водење грижа спрема соновите, безусловно во душата се поткраднува доверба во нив, па поради тоа строго се забранува обрнување внимание на соновите.

Секако, природата обновена со Светиот Дух се управува сосема со други закони, за разлика од природата што паднала и загризала во својот грев. Со обновениот човек раководи Светиот Дух. „Ги загреала благодатта од Божествениот Дух, – вели преподобен Макариј Велики, – и се населила во длабочината од нивниот ум; за таквите Господ е како сопствена душа“ (Слово 7, гл. 12). И во бдение и во сон тие пребиваат во Господа, надвор од гревот, надвор од земските и телесните помисли и мечти. Помислите и мечтаењата, што за време на соновите се наоѓаат надвор од доменот на човечкиот разум и волја, кај другите луѓе несвесно им се покоруваат на потребите од паднатата природа, и кај овие делува по раководство на Светиот Дух и сонувањето од таквите луѓе имаат духовно значење. Така, праведниот Јосиф во сон бил научен за тајната на овоплотувањето на Бог Слово, во сон му е заповедано да бега во Египет и да се врати од него (Матеј гл. 1 и 2). Соновите што ги испраќа Бог носат во себе неискажана убеденост. Таа убедливост им е јасна на светите, а несфатлива е за оние, кои уште се борат против страстите.

Свети Игнатиј Брјанчанинов

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s