Свети Јован Златоуст: За смиреномудрието

90089СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ: ЗА СМИРЕНОМУДРИЕТО

Господ вели: И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Мат. 20, 27). Сака да каже: Ако вие посакате председателски места и високи почести – потрудете се да го заземете последното место, да бидете пониско од сите, посмирени од сите, помали од сите, поставете се зад сите! Таков е духот на таа добродетел – имаш пример близок и извонредно силен: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Мат. 20, 28). Дека дејството на таа добродетел ги прави нејзините носители славни и прекрасни, можеш да се увериш од тоа, што се случи со Мене, Кој нема потреба ниту од чест, ниту од слава, и при сето ова Јас достигнав преку неа безбројни блага. Навистина, пред да го прими ова тело и да се смири, с# се растројувало и гинело – а кога се понизил на крстот: се издигнал високо – го уништил проклетството, ја згмечил смртта, го отворил рајот, го умртвил гревот, ги отворил дверите на небото, извршил безброј благодејанија, кои ниту јас, ниту сите луѓе можат да ги изразат со зборови. Он пред да се понизи Себеси, Него Го познавале само ангелите: а кога се понизил, Го познал и сиот човечки род. Види: дека смирението не само што не Го понижило, туку Му доставило безбројни придобивки, безбројни блага и направило славата Негова уште посилно да блеска.

Ако за Бога, Кој е седоволен и за ништо не чувствува потреба, смирението доставило такви блага, привлекло многу следбеници, го распространило Неговото царство, завладеало со светот: тогаш, зошто ти се плашиш, дека ќе се понижиш од смирението? Ако го возљубиш смирението – ти ќе бидеш повисок, поголем, пославен: тоа ќе се случи тогаш, кога ќе се поставиш пониско од другите; кога не претендираш за првенство; кога се подложуваш на понижувања; кога служиш на блиските; кога страдаш за немоќните; кога се понижуваш за секој страдалник – кога си подготвен сето ова да го поднесеш и да го оствариш! Да бидеме смирени, но да не се превознесуваме во смирението: зашто многумина од смирение паднале во гордост – да не се случи тоа и со нас. И така – размислувајќи за сите овие работи, со особена грижа да го возљубиме смиреномудрието, и кога ќе ја испитаме навредата, понижувањето, бесчестието, презирот, големите страдања, да го проживееме сето ова со радост во Господа. Ништо друго толку не придонесува за постигнување на чест, слава и углед, како добродетелта на смиреномудрието; затоа усрдно да ја приложуваме во животот, за да се удостоиме со ветените нетлени блага.

Leave a comment