Свети Григориј Богослов: На мајка ми

stara-majka_wideСВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ: НА МАЈКА МИ

Во секое слово и дело, моја мајко, поддршка за тебе беше денот Господен. Секој ден ти чествуваше со плач, но тоа не го правеше по празниците. Сведок на твоите веселби и тага е храмот. Секое место е запечатено со твоите солзи, но со едно прекрстување ти ги препобедуваше и солзите. Жртвоприемната Трпеза никогаш не ја видела твојата подгрбавеност; од твоите усни не излегол нечист збор; на твоите нежни образи, немаше место за смеа; ќе замолчам, блажена моја мајко, за твоите тајни тешкотии – тие беа внатрешни, а твоите надворешни маки на сите се познати, затоа и своето тело ти го остави во Божјиот храм. Премудра е Сара, која го почитувала својот љубезен сопруг; но ти, мајко моја, својот добар сопруг, кој бил далеку од светлината, си го приготвила прво да постане христијанин, а потоа и голем јереј. Ти си Ана; ти по молитва си родила сакан син и си принела во дар на храмот чист служител Самуил. Има и друга Ана, која го земала во своите прегратки големиот Христос. Ти, мајко, се удостои со славата и на двете; а на крај, при молитва во храмот, предаде на Бога дух.

Чедо на моите гради, свештен младичу, Григорие, со каква љубов кон тебе заминувам јас во небесниот живот! Ти многу се потруди, откако се погрижи за мојата и на татко ти старост – тоа е запишано во големата Христова книга. Врви, љубезен, по своите родители; ние со поддршка, по можност поскоро, ќе те примиме во овој свет, во кој сме сами.

Едни од жените придобиваат слава со своите домашни добродетели, други – со својата љубезност и целомудрие, трети пак – со делата на благочестие, со умртвување на телото, со солзи, со набожност, со грижа кон бедните. Нона е славна со сè – таа, ако може тоа да се нарече смрт, и умре по време на молитва!

Друг љубител на чистотата нека ја оспорува предноста на Нона, но не може да се натпреварува со неа во ревноста за молитва. Доказ за тоа е крајот на нејзиниот живот, кој беше прекинат во храмот за време на молитва! О, воздишки, солзи и сеноќни бденија! О, уништени од подвизи делови на необичната Нона! Не еднаш, мајко, си ме спасила од болести, од страшни неспокојства, од ужасни колебања, од свирепо разбранувано море, оти Бог беше кон тебе милостив; но спасете ме и сега, со своите големи молитви, ти родителу, и ти, блажена родителко, почината во молитви! Свештена Ноно, ти целиот свој живот го принесе во дар на Бога, на крај и душата си ја предаде во чиста жртва. Оти, тука молејќи се, ти го остави животот, и оваа Трпеза подари слава на твојата смрт, мајко моја. На таа Трпеза, мојот татко, беше голем служител; пред таа иста Трпеза, молејќи се покрај својот сопруг, и мајката го прекрати својот живот.

Простете ми, маченици, но ќе кажам, не без страв, дека возљубената Нона не стои пониско од вас со своите подвизи во скриената и јавна одбрана од злото. Тука почива Нона, ќерка Филтатиева. Каде починала таа? – Во храмот. Како? – Молејќи се. Кога? – Во старост. Каков прекрасен живот и каква света смрт! Смртни, оплакувајте ги смртните, а кој, како Нона, умрел молејќи се, за него нема да плачам. Пророк Илија се вознесе на небото на огнена кочија – Нона пак, молејќи се, беше повикана од Бога. Ете го гробот на целомудрената Нона – тука почива Нона, жртва на саканата од неа молитва!

Leave a comment