Полска Православна Црква

Herb_Warszawskiej_Metropolii_PrawosławnejПОЛСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

КРАТКА ИСТОРИЈА

На територијата која денес влегува во составот на современа Полска, христијанството се појавило од разни страни: од Големото Моравско кнежевство, од Германските земји и од Киевска Русија. Најверојатно е дека полските земји дошле во допир со христијанството под влијание на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј. Со ширењето на Моравското кнежевство Силесија, Краков и Мала Полска влегле во состав на Велиградската епархија.

Во 966 година кнезот Мешко I (Мечеслав) го примил христијанството, по што следувало покрстување на народите. Според преданието, кнезот најпрво го примил христијанството од источниот грчко-словенски обред, но по неговото женење со саксонската принцеза, во Полска се засилило латинското влијание. Археолошките испитувања сведочат за тоа дека и пред покрстувањето на кнезот Мешко I, на територијата на Полска постоеле храмови кои биле градени во византиски стил.

Православието во Полска е донесено преку Русија. Токму и првите епархии на полската територија биле формирани во периодот кога таа влегувала во составот на Руската империја. Варшавската епархија била формирана во 1840 година, а во 1860 година таа била обединета со Волинската.

По провозгласувањето на независност, полската власт имала потреба од независност и во црковното прашање. Во тој момент во Полска живееле некаде околу 3,5 – 5 милиони православни верници. На територијата на државата веќе постоеле Холмската, Варшавската, Виленската, Гродненската и делови од Волинската и Минската епархија. Идејата за автокефалност на Православната Црква во Полска ја поддржувал и Варшавскиот архиепископ Георгиј Јарошевскиј, кој кусо време пред тоа бил избран на архиепископскиот трон, на Црквата ѝ била дадена извесна автономија. За жал, на 6 февруари 1923 година тој бил убиен од противниците на автокефалноста. Сепак, тоа се покажало како удар за противниците, а не за идеолозите за автокефалност.

Набргу потоа, на сите епископски катедри биле поставени луѓе кои биле подготвени да соработуваат со власта. На 12 април 1924 година, заедно со Цариградската Црква, бил прифатен новојулијанскиот календар. Новотаријата активно ја помагале полските чиновници, но голем дел од свештенството и верниот народ биле против реформата. Тие противници полските власти ги изложувале на гонења. На 26 август 1924 година во Почаево бил повикан Синодот да донесе решение, според кое била донесена икономија по календарското прашање: онаму, каде што реформата била прифатена да се продолжи со новиот календар, а онаму, каде што имало противници, да им се дозволи да ги извршуваат своите обреди и богослужби по стариот календар. На 13 ноември 1924 година Цариградскиот патријарх дал благослов за автокефалноста на Полската Црква, а следната година бил издаден и Томосот. Автокефалноста на Полската Црква била призната од сите останати Православни Цркви, освен од Руската. Црквата била поделена на 5 епархии: Варшавско-холмската, Волинската, Гродненската, Виленската и полеската. Официјалниот назив на Црквата бил: Православна Црква во Генералното Губернаторство.

Во Полска била спроведувана и политика на латинизација на православните верници. За средство за извршување на таа идеја била планирана унијата. За да не потпаднат под украинизација, новите унијати веднаш им се потчиниле на месните латински епископи и нивните парохии биле наречени „Католички парохии од источно-словенски вид“. Новоунијатите без измени ја запазиле светата Литургија. Сепак, нивните успеси биле незабележителни: во 1931 година ги имало околу 27000, а веќе во 1932 година нивниот број опаднал на 24000. Притоа, поголем дел од нив биле украински унијати кои со текот на времето се преселувале во полските територии. Исто така, активно била спроведувана и полонизација на населението. Во 1933 година во Белорусија било забрането да се проповеда на руски јазик. Веронауката започнале да ја предаваат исклучиво на полски јазик, а била воведена и Литургија на полски јазик. Во 1937 година во Волина било разрешено да се богослужи на украински јазик. Активно се водела и кампања на одземање на православните храмови – во 1929 година од Полската Црква биле одземени 45% од нејзините храмови кои, наводно, припаѓале на рускиот цар.

Откако Полска потпаднала под власт на СССР, било воспоставено единство меѓу Полската и Руската Црква. Во 1948 година официјално била провозгласена автокефалноста на Полската Православна Црква со 4 епархии. Сепак, местото на архиепископот, кој во 1948 година бил сменет заради противење на комунистичката власт, сè до 1951 година останало празно. Подоцна биле формирани уште две епархии. Денес Полската Црква брои околу 410 храмови, 250 парохии и околу 260 свештеници. Бројот на верниците изнесува околу 600000.

Под покровителство на Полската Православна Црква, во канонско и молитвено општење, се наоѓа Португалската Православна Црква, која е формирана во 1998 година, кога тројца митрополити од Миланскиот Аквилејски синод влегле под омофорот на Полската Православна Црква. За жал, архиепископот Јован (Жоао) во 2000 година бил отстранет од Полската Црква, а тој со себе повлекол 19 парохии, од вкупно 22. Освен во Португалија, под омофорот на Полската Црква има и парохии во Шпанија, Бразил и на островот Сардинија (Италија).

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s