И ќе му Го дадат името Емануил…

И ЌЕ МУ ГО ДАДАТ ИМЕТО ЕМАНУИЛ…

Точно така е пишано кај пророкот Исаиј. Емануил или Со нас е Бог! Ама еве веќе 20 векови ова име и Божјото присуство со нас и меѓу нас е исмејувано и навредувано. Но, зарем за нас не е речено: „Имаат уши да слушаат, ама не им се слуша; имаат очи да гледаат, ама не им се гледа!“. И ова е речено и во дамнини, и во добата на Исаиј, и во времето на Христа, и денес се вели кога го читаме Евангелието, и ќе се вели до крајот на векот. Ама човекот не слуша, затоа што не сака да слуша; и не гледа, оти не сака да види. Тој се слуша и се гледа само себе си.

А колку пати сме слушнале од неповикани, недоначитани и недоописменети да ни објаснуваат Кој бил Христос? Оној Христос, за Кого Исаиј ни прорече дека ќе се роди од Девојка и за Кого архангелот Гаврил ѝ благовестеше на Марија. Де Христос не постоел, де бил измислица, бил мит, фантом, привидение… Па нé убедуваат дека Го нема ни на небо, ни на земја; ниту Го имало, ниту ќе Го има. Па уште се правдаат дека науката докажала дека никаков Христос не постоел.

Е па, за волја на вистината, напразно ќе барате објаснувања која наука тоа го докажала, на кој начин и со кои средства. Такво објаснување ниту има, ниту е можно. Зарем не забележувате дека во светот се појавиле многу културни, религиозни, социјални и политички движења и на ниедно од нив не им се оспорува постоењето на нивниот основач, ама ете, нам, на христијаните, тоа ни се оспорува. Како што никој здраворазумен не може да го објасни постоењето на будизмот без Буда, или на исламот без Мухамед, уште помалку може да се објасни појавата на христијанството без Христа. Дури и да претпоставиме дека нема никакви пишани траги за Христа, фактот дека постои христијанството нé води до логичен заклучок дека постои основач, а тоа е токму Христос.

Има еден интересен шалтерски натпис по банките, на кој е напишано: „Ве молиме, пребројте ги парите на шалтерот! Додатни рекламации не примаме!“ И тоа е сосема правилно и логично. Замислете, подигнувате пари од шалтер и по 20 минути се враќате во банка да направите рекламација! Ќе Ви признае ли шалтерскиот работник? Или да дојдете по 20 дена со рекламација? Зарем нема да бидете смешни! Или да дојдете по 20 години и да се пожалите дека нешто не беше во ред пред 20 години кога ви исплатиле пари! Па, тоа веќе ќе биде одлично сценарио за урнебесна комедија.

А еве, оние кои ја негираат историчноста на Христовата личност, денес, после 20 векови од Неговата појава, прават иста ваква бесмислица. Така е, зашто сите Христови современици, како оние кои Го љубеле, така и оние кои Го мразеле, сите наглас, и усмено, и писмено го признаваат Неговото историско постоење. Оние кои Го мразеа и гонеа уште додека беше на

земјата, изнесуваа против Него секакви можни клевети и навреди. Ама ниту ним не им падна на памет да го негираат Неговото постоење. Па, тогаш кого тие би гонеле, и клеветеле, и мразеле, ако не постоел? А токму тоа е најнесомнителниот логичен доказ за Неговата историчност. Затоа, оние денес кои се исмејуваат со нас и кои ни велат дека Христос не постоел, во овој 21 век, како да имаат задоцнето со своето негирање. Нивната рекламација доаѓа после цели 20 векови. Доцна! За жал, шалтерот не работи и рекламации отпосле не примаме!

Христовото постоење го потврдува и историјата, и логиката. Кога Христос се вознесе на небото, тука на земјава останаа само неколку Негови престрашени следбеници. Само за миг да замислиме во изминативе 20 векови колку многу луѓе ги жртвувале својата младост, и своето богатство, и своите земни наслади, и царските круни, и кралските скиптри, и удобните палати, и своите животи токму за Него. Колкава поворка би било тоа? И уште колку поголема би била ако им се придружат сите оние страдалници, кои нашле лек и утеха во Христа? И уште колку подолга би била, кога ќе ги вброиме и светителите, мачениците, научниците, философите, писателите, уметниците од сите врсти, од сите земји, од сите епохи на христијанската историја, кои своите таланти ги умножиле и со длабока побожност ги вратиле кај Него!

И сега, и јас да ве прашам нешто сосема сериозно: Сметате ли дека таа величенствена и безбројна свита можел да ја приврзи за себе некаков мит, некоја измислица, некој фантом, некоја имагинација?

Има еден интересен расказ, кога германскиот крал Фридрих II посомневал во Христовата личност, па го повикал дворскиот свештеник и му рекол: „Сакам веднаш, без многу објаснувања и директно, да ми ја докажеш вистинитоста на Христовата личност!“. Свештеникот како од топ му одговорил: „Евреите, ваше величество!“. „Како Евреите, прашал кралот“. „Па едноставно: сé што прорекоа еврејските пророци за Христа, се исполни во Него. А сé што прорече Христос за Евреите, се исполни врз нив! А оствареното пророштво никогаш не може да потекнува од човек, туку само од Бога!“

Никогаш да не заборавиме дека споменот за Христос е жив засекогаш. Го има по ѕидовите во училиштата, по фреските низ храмовите, по врвовите на планините и камбаните, по таверните и домовите, над болничките постели, па и на гробовите, зашто милиони и милиони крстови по гробиштата низ светот го потсетуваат човекот на смртта на Распнатиот. И да ги истружите сите фрески низ храмовите, и да ги скриете иконите од домовите, Христовиот живот пак и пак ќе ги исполнува музеите и галериите. И да ги запалите сите молитвеници и евангелија, Неговото име и Неговите зборови пак ќе ги најдете по сите книги и учебници. Па дури и хулењата што ги правите против нашиот Христос, нас нé потсетуваат на Неговото вечно присуство меѓу нас и со нас.

Сфатете веќе еднаш: што и да правите со Него, Христос е ПОЧЕТОК и КРАЈ. Нашата доба, нашата цивилизација, нашиот живот почнуваат со благовештенските зборови: „И ете, Девојка ќе зачне, и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил…“ Она, што било пред овие зборови, можеме само историски да го истражуваме, но тоа не е наше, тоа е обележено со други бројки, влезено е во други системи, не ги придвижува нашите сетила, може да биде убаво, ама е мртво. Велат дека Цезар во свое време бил поголем хит од Христа, а дека Платон бил многу појак во науката од Христа. И уште ги спомнуваме и едниот, и другиот. Ама, има ли денес некој да го положи својот живот за нив, да ги следи, да жртвува сé што има за нив?

А Христос, напротив, постојано живее со нас. Зашто Он е ЕМАНУИЛ = СО НАС Е БОГ! Такво е Неговото име, вечно! И да, сé уште ги има кои Го љубат, ги има и кои Го мразат. Токму тие и нивната омраза кон Него, за нас се доказ дека Он е уште жив, дека постоел, дека ќе постои, дека е СО НАС!

И после толку многу векови напор, губење на време и ум, сé уште не успеавте да Го избркате од Земјата. И нема ни да Го избркате. Едноставно, не губете време во залудност. Едноставно, помирете се, зашто името Негово ви кажува сé – СО НАС Е БОГ!

Leave a comment