Преподобна Валбурга, игуменија на Хајденхајмскиот манастир

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА ВАЛБУРГА, ИГУМЕНИЈАТА НА ХАЈДЕНХАЈМСКИОТ МАНАСТИР, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 25 ФЕВРУАРИ

(710-779; германски: Walburga)

Света Валбурга[1] е сестра на светите браќа Вилибалд и Винибалд.

Кога свети Бонифациј заминал да проповеда меѓу Германците, тој со себе, како помошници и соработници, ги понесол и светите браќа на Валбурга, синовите на светиот крал Ричард. Потребата од голем број на проповедници во Германија, била причина многу од англиските монаси да ја напуштат родната земја и да заминат на проповед меѓу новообратените. Меѓу проповедниците имало и благочестиви жени, кои сакале да заминат во германската земја, па Бонифациј испратил барање до неколку женски манастири во Англија, со цел да му испратат духовни раководителки за женските монашки заедници во Германија. Меѓу нив била и неговата роднина, света Валбурга, монахињата од манастирот Вимборн.

Своето монашко искуство, Валбурга го стекнала во манастирот Вимборн. Откако пристигнала во Германија, таа таму поминала две години. Најпрво проповедала во Бишофсхајм, каде што оставила одличен впечаток врз јазичниците, а особено со нејзиното познавање на медицината и нејзината примена меѓу јазичниците. По основањето на двојниот манастир во Хајденхајм, таа била поставена за игуменија на женскиот дел. По смртта на нејзиниот брат Винибалд, извесен период раководела и со машката монашка заедница, а монасите ѝ се покорувале во сè, не пројавувајќи никакво негодување што со нивната заедница раководи жена.

Света Валбурга починала во 779 година во манастирот Хајденхајм, а подоцна нејзините свети мошти биле пренесени во епископскиот центар Ејхштат.

По неколку години, нејзиниот гроб станал едно од најпосетуваните поклонички места, благодарение на чудотворното масло, кое истекувало од нејзиниот саркофаг. Голем број на шишенца, изработени во периодот од XVI-XX век, кои се користеле за раздавање на маслото, и денес се чуваат во соборниот храм во Ејхштат. Во 893 година, нејзините свети мошти биле отворени и дел од нив бил предаден во Рајнските земји, во Фландрија и Франција, откаде што почитта кон неа се раширила и по многу други делови низ Европа. Еден од таквите важни центри бил и

Атиња, каде што Шарл Простиот изградил параклис во својот дворец и ја прогласил за покровителка на своето кралство.

Денес моштите на света Валбурга се наоѓаат во храм, изграден во XVII век, посветен во нејзина чест. Интересен е податокот дека монахињите, кои останале да живеат во манастирот во Ејхштат, изграден од света Валбурга, и кои се раководат според монашкиот Устав кој таа го составила, одиграле важна улога во преговорите за предавањето на нивниот град на Американците при крајот на Втората светска војна. Света Валбурга денес е прогласена за заштитничка на Ејхштат, а Православната Црква нејзиниот спомен го празнува на 25 февруари според Јулијанскиот календар.


[1] Валбурга = силна.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s