Свети Кед, епископот на Ластингем

SVETI KEDЖИТИЈА НА БОЖЈИ УГОДНИЦИ, КОИ ЗАСВЕТЛИЛЕ ВО ЗЕМЈАТА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ КЕД, ЕПИСКОПОТ НА ЛАСТИНГЕМ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 7 ЈАНУАРИ

(620-664; Cedd of Lastingham)

Свети Кед[1] е роден во англиско семејство, кое живеело во Нортумбрија. Во служењето на Господа се посветиле и неговите родени браќа Чед (Caedda), Сајнибил (Cynibill) и Келин (Caelin), кои биле свештеници. Заедно со Чед, тој бил испратен да се школува во Линдисфарн, во времето на свети Ајдан.

Во 653 година, заедно со уште други четворица свештеници, бил испратен при Освиј, кралот на Нортумбрија, за да ги просветува жителите на Средна Англија, по барање на нивниот старешина Педа. По завршувањето на таа мисија, бил отповикан и испратен на нова благородна проповед – да му помага на кралот Зигеберт во Есекс, за да ги христијанизира источните Саксонци.

Во Есекс бил ракополжен за епископ и тука основал многу цркви и манастири, од кои попознати се Тилбури (Tilbury) и Итанчестер (Ithancester). По враќањето во родната Нортумбрија, го основал и манастирот Ластингем (Lastingham) во Јоркшир. Тука постанал и негов прв игумен, не оставајќи ги епископските задолженија.

На Соборот во Витби, исто како и свети Кутберт Линдисфарнски, иако Келт по воспитување, ја прифатил римската пасхалија. Набргу, по одржувањето на Соборот, тој се вратил во манастирот во Ластингем, каде блажено се упокоил во 664 година.

Православната Црква неговиот спомен го празнува на 7 јануари според Јулијанскиот календар.

[1] Кед = всхитувачки.

Advertisements