Свети Феликс, епископот на Данвич

SVETI FELIKSЖИТИЈА НА БОЖЈИ УГОДНИЦИ, КОИ ЗАСВЕТЛИЛЕ ВО ЗЕМЈАТА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ФЕЛИКС, ЕПИСКОПОТ НА ДАНВИЧ И ПРОСВЕТИТЕЛ НА ИСТОЧНА АНГЛИЈА, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 8 МАРТ

(?-648; Felix of Dunwich)

Свети Феликс[1] е роден во Бургундија, на територијата на денешна Франција. Во родната земја бил ракоположен за епископ и бил испратен во Источна Англија од свети Гонориј Кентербериски,[2] за да го проповеда Евангелието.

Свети Феликс во 631 година се населил во Данвич (Dunwich), на брегот на Сафолк, и тука, со голем успех, цели 17 години, се трудел во делото на ширењето на Евангелската наука. Со помош на кралот Зигеберт[3] формирал и училиште за мали деца, а за нивно воспитување, повикал учители и воспитувачи од Кентербери.

Свети Феликс блажено се упокоил во 648 година и бил погребен во Данвич. Неговите мошти биле пренесени во Рамсеј, во Хантингдоншир (Huntingdonshire) во 971 година.

Името на свети Феликс денес го носат градовите Феликстоув (Felixstowe) во Сафолк и Феликсирк (Felixkirk) во Јоркшир. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 8 март според Јулијанскиот календар.

[1] Феликс (латински: felix) = среќен.

[2] Свети Гонориј Кентербериски (Honorius of Canterbury; ?-653) е роден во Рим. Свети Григориј Велики, уште како монах, го избрал за проповедник на Евангелието во Англија, благодарение на неговата искрена вера и големо образование. Бил поставен за архиепископ на Кентербери по свети Јуст. Бил ракоположен во Линколн од свети Павлин. Својот архиерејски омофор го добил од Рим, од папата Гонориј I, заедно со пропратно писмо, во кое бил советуван дека овдовената катедра треба да биде пополнета со новоракоположен епископ, кој својот епископски чин ќе го прими од валиден епископ. Во негово време христијанството се раширило речиси по целиот остров и пуштило длабоки корени во срцата на верните. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 30 септември според Јулијанскиот календар.

[3] Свети Зигеберт Англиски (Sigebert, king of Anglia; ?-635), според тврдењата на свети Беда Почитуваниот, бил првиот крал-христијанин во Источна Англија, а крстен бил во Франција. За време на управувањето на Редвалд, кој се обидел да воспостави взаемно почитување и поклонување пред вистинскиот Бог и лажните германски богови, Зигеберт се наоѓал во прогонство, зашто се спротивставувал на ова богохулство. Во 630 година тој се вратил дома како крал, заедно со свети Феликс и свети Фурсеј, кои го покрстиле неговото кралство, со помош на свети Гонориј. Како награда за ова богоугодно дело, тој им подарил земја и пари на светителите, кои основале манастир во Бург Касл. Кога Пенда Мерсиски го нападнал кралството, Зигеберт насилно бил извлечен од манастирските ѕидини, но на изненадување на сите, тој намерно не понесол со себе оружје и не им се спротивставил на избезумените војници. Единствено, со себе ја понесол кралската патерица. По наредба на Пенда, Зигеберт бил маченички убиен и култот кон него, како кон свет крал-маченик веднаш бил раширен. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 27 септември според Јулијанскиот календар.

Advertisements