ХРИСТИЈАНСКАТА ЕТИКА И СВЕТСКОТО ПРАВО

ХРИСТИЈАНСКАТА ЕТИКА И СВЕТСКОТО ПРАВО

<… Делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат во оној ден, кога, според моето благовестие, Бог преку Исуса Христа ќе ги суди тајните на луѓето“ (Рим. 2, 15-16)

Право (латински – jus; санскритски – yoh) = уметност во доброто и еднаквото; норма од еквивалентен карактер која за основа го има признавањето на еднаквоста на сите луѓе; поделба на доброто и еднаквото според достоинството на секое лице.

ПРОИСХОД И ХРИСТИЈАНСКОТО ТОЛКУВАЊЕ НА ПРАВОТО

Бог е совршенство, па според тоа и светот, кој го створил, е совршен и хармоничен. Исполнувањето на Божјите закони значи живот, исто како што и Самиот Бог е бесконечен и дарител на живот. Преку паѓањето во грев на прародителите Адам и Ева, злото и гревот влегле во светот. Во исто време, паднатиот човек ја зачувал слободата, со Божја помош, да го избира вистинскиот пат. Притоа, чувањето на богодадените заповеди го зацврстува животот, а отстапувањето од нив задолжително води кон смрт, зашто таквото отстапување не е ништо друго, туку директно отстапување од Бога, од битието и животот, кои единствено можат да бидат во Него. „Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господа, твојот Бог, што денес ти ги давам, – да Го сакаш Господа, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, – тогаш ќе живееш и ќе се намножиш… Ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и се заблудиш, па почнеш да им се поклонуваш на други богови и да им служиш, тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема долго да останете на земјата…“ (5. Мој. 30, 15-18). Во земниот поредок на нештата, гревот и отплатата честопати не одат едно со друго, но најчесто се разделени со многу годишна дистанца, па дури и со поколенија. „Јас сум Господ, Бог твој, Бог ревнител, кој, за гревот на татковците што Ме мразат ги казнувам децата, до третото и четвртото колено, и Кој покажува милост до илјадници поколенија кон оние, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои“ (5. Мој. 5, 9-10). Таквото разграничување на престапите и казните, од една страна, ја чува човечката слобода, а од друга страна – ги принудува разумните и благочестиви луѓе со особено внимание да го изучуваат Божјиот домострој, за да се научат да го разликуваат правилното од неправилното, законот од беззаконието.

Многубројните збирки на поуки и законодателства претставуваат древни споменици, кои се пренесени во писмена форма. Безусловно, тие водат потекло уште од многу поодамна, уште пред појавата на писменоста во човештвото, зашто делото на законот најпрво било запишано од Бога во човечките срца (спореди: Рим. 2, 15). Во човечката заедница правото постои уште од искон. Првите законодателства на човекот му се дадени уште во рајот (спореди: 1. Мој. 2, 16-17). По гревопаѓањето, кое претставува нарушување од страна на човекот на Божјиот закон, правото постанува граница, излез кој се заканува со нарушување како на човечката личност, така и на целокупното човечко општожитие.

Continue reading