Претседател

ПРЕТСЕДАТЕЛ

Писмото што дојде од Дебар беше кратко и јасно:

„Претседателот на општината треба да биде од вашето село, бидејќи е најголемо. За таа цел ве молиме да предложите еден човек. Човекот треба добро да го претресете од сите страни и по можност да ни ја доставите во писмена форма неговата биографија. Ви напоменуваме дека човекот што ќе го предложите, би било пожелно да се истакнувал пред Војната, за време Војната и, се разбира, во годините по војната. Смрт на фашизмот! – Слобода на народот!“

Ете, тоа беше кратката и јасна содржина на писмото адресирано до сите политички организации во селото. Па така, на сам ден свети Трифун, се насобраа тие од Народниот фронт, од селскиот синдикат, од распуштениот партиски актив, а се разбира беше присутна и тетка Никодинка, од АФЕЖЕ-то.

Се собраа така повеќе од дваесетина души, да одберат човек за претседател на општината и неговата биографија во писмена форма да ја достават во Дебар.

– Не е лош другарот Стамат, прв рече Арсенија, претседателот на Народниот фронт. – Стамат не е лош за претседател. Тој е човек ипол. И кога пие – пие со мера, и кога се кара – се кара со мера.

Сите рекоа:

– Се прима!

– Не, бре луѓе, имам жена и деца, не можам јас да се играм, почна да се брани Стамат. Каков претседател, какво котле! Јас сум си ѕидар, мајстор, и не можем сега златна работа да си напуштам за да бидам претседател. Треба да се мисли, ами како! А, утре-задутре, ќе им текне да ја укинат општината?! Која матна ќе ме собере!? Затоа, нека биде некој што е послободен. Не знам инаку како да речам!

– Да го предложиме епитропон, се јави Митре од синдикатот.

– А друго нешто?! го дочека тетка Никодинка. – Каков епитроп! Не чу што пишува во писмото? „Да се истакнувал пред војната!“ А се истакнувал ли епитропон пред Војната?

– Како не! – одговори некој.

– А како да, – го дочека и него тетка Никодинка. – Нам една партизанка од Дебар ни зборуваше и

Continue reading

Аналфабети

АНАЛФАБЕТИ

Во селото имаше многу неписмени: умни, ама неписмени. И, некаде околу Митровден, еден ден учителот се врати од советувањето во Дебар, му нареди на училишниот прислужник Дојчин да го свика селото на конференција. Селаните одвај чекаа конференции, па дојдоа, се насобраа: и да се видат меѓу себе, и да чујат што има ново во светот.

– Борбата продолжува! – беше првата реченица со која учителот ја отвори конференцијата.

Селаните се уплашија: борбата продолжува, а тие мислеа дека пред три години заврши. Страв в коски им влезе на сите.

– Од која страна сме нападнати? – праша еден постар човек.

– Не прекинувај ме! – налутено му се развика учителот кој цело време се трудеше да ги запомни зборовите од советувањето во Дебар, зашто му се виде многу убав говорот на повереникот за просвета. И неговиот говор исто така почнуваше со реченицата: „Борбата продолжува!“

– Е, како да не те прекинувам, – пак се јави човекот, – велиш борбата продолжува, а додека ни кажеш од кого и од која страна, веќе ќе бидеме окупирани.

– Заврши борбата, ама така се вели: борбата продолжува! Се ослободивме од непријателот, сега треба да се ослободиме и од неписменоста. А штом сме се решиле да се ослободиме, значи и ќе се бориме. И уште нешто. Неписмените, тука, во селово, ги викаме неписмени, а во Дебар, град голем и место околиско, неписмените ги викаат аналфабети. Аналфабетите се непријатели на социјализмот. Аналфабетот не знае да чита, не знае да пишува и смета напамет, како во турско. Денеска не сме турско, тоа да ви влезе в глава, затоа ќе се бориме против аналфабетите – на висок глас учителот ја најави борбата, а селаните ја прифатија.

– И зимата започна да работи аналфабетскиот курс.

Најмногу неписмени имаше меѓу „женските селани“ како што се изразуваше учителот. И женските селани, односно, селанките, три дни во неделата го посетуваа курсот, додека пак „машките селани“, односно селаните, подеднакво го посетуваа и

Continue reading