Свети свештеномаченик Валентин

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВАЛЕНТИН, ЕПИСКОПОТ НА ИНТЕРАМНА ВО УМБРИЈА, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 14 ФЕВРУАРИ

(?-269; латински: Valentinus)

Свети Валентин[1] бил епископ во градот Интерамна, во областа Умбрија. Поради својот богоугоден живот, бил удостоен од Бога со дар на чудотворство, па повикувајќи Го името на Господ Исус Христос, лечел болни од најразлични болести. Во времето на управувањето на императорот Аврелијан, трите млади момчиња Прокул, Ефив и Аполониј, дошле од Атина во Рим за усовршување во науката, па се вселиле до домот на нивниот наставник Кратон. Синот на Кратон по име Хоримон, во една прилика си го повредил грбот, така што момчето не можело да се исправи. Три години се обраќал кон разни лекари, но никаде не нашол лек. На крајот, Кратон се досетил да го повика епископот Валентин, за да се помоли за неговиот болен син да оздрави.

Откако пристигнал во Рим, светителот се затворил заедно со момчето во една од собите, каде што заедно срдечно се молеле цела ноќ. Утрината младото момче излегло од собата потполно здраво. Веста за ова чудо набргу се раширила низ целиот Рим, па така, многумина почнале да преминуваат во христијанската вера, меѓу кои бил и Авундиј, синот на градоначалникот. Градоначалникот, пак, кој бил јазичник, целиот свој гнев го насочил кон светиот епископ. Властите започнале да го убедуваат епископот да се откаже од својата вера и да им се поклони на идолите. Откако не успеале во тоа, тие го затвориле во римскот затвор. Тука почнале да го посетуваат учениците на Кратон, кои исто така го примиле христијанството и се крстиле. Набргу, на свети Валентин му ја отсекле главата. По него пострадале и учениците на Кратон: Прокул, Ефив и Аполониј, а Авундиј сите нив чесно ги погребал при гробот на светиот свештеномаченик Валентин.

Свети Валентин денес е прославен како заштитник на градот Терни во Италија, како и на новобрачните, тешко болните и епилептичарите. Православната Црква неговиот спомен го прославува на 14 февруари според Јулијанскиот календар.

Освен свети Валентин, епископот на Интерамна (денешен Терни), во православната агиографија е запишано и името на свети Валентин Римски, кој маченички пострадал во римската провинција Африка. Култот кон овие светители бил развиен уште во IV век, зашто во овој период веќе биле подигнати две базилики во нивна чест. Едната била изградена во 350 година, во времето на понтификатот Јулиј II, на Фламиниевиот пат, каде, според преданнието, бил погребан свети Валентин Римски. Втората базилика била изградена во градот Терни, над гробот на светиот епископ Валентин Интерамски. Од папата Геласиј I бил востановен празник, во кој се слави споменот на двајцата светители, а тоа било на 14 февруари според Григоријанскиот календар. Токму овој ден, подоцна е почнат да се слави како ден на вљубените, за што не постојат историски основи за такво нешто. Идејата, пак, за да се слави празникот на двајцата светители со исто име како ден на вљубените, потекнува од една средновековна легенда од Франција и Англија, според која, светиот епископ Валентин извршувал тајни венчавки на вљубените парови. Според таа легенда, која подоцна како апокриф е вметната во житието на светителот, императорот Клаудиј II им забранил на своите војници да се женат во воени услови, за да не ја одложуваат воената обврска, туку во секој момент да бидат на располагање на државата. Свети Валентин не се согласувал со ваквата одлука на императорот, па затоа започнал тајно да ги венчава вљубените парови. Поради оваа своја активност, наводно, императорот го осудил на смрт. Значи, ова предание нема своја автентичност и основаност, туку истото се смета како легенда и апокриф.

Во 1969 година, при ревизијата на литургискиот календар на Римокатоличката Црква, свети Валентин Римски е исклучен од списокот на светителите. Во Православната Црква, овој светител се празнува на 14 февруари според Јулијанскиот календар.


[1] Валентин = силен, здрав.

Свети Венделин Трирски

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ВЕНДЕЛИН, ПОДВИЖНИКОТ ОД ТРИР, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 21 ОКТОМВРИ

(554-617; германски: Wendelin von Trier)

Свети Венделин[1] по потекло бил од Лонгобардија. Како мало дете слушнал за подвизите и светоста на Мартин од Тур, па во своите молитви почнал да го повикува да му биде закрилник во животот, а неговиот живот бил повод и малиот Венделин да пројави скромност и благочестивост. Откако замомчил, пројавил интерес кон науката, па започнал да го посетува локалното училиште и да се воспитува кај игуменот Аредиј. Со својот учител заминал на поклоничко патување на гробот на свети Мартин, а по враќањето во родниот дом, бил воодушевен со чудесното умножување на земјата од гробот, која ја понесле со себе.

Во 585 година Венделин пристигнал во местото Епосиј (подоцна Ивуј), при Арденските планини, во околината на градот Трир, каде што и се населил како отшелник. По примерот на свети Симеон Столпник, тој започнал да живее подвижнички живот, качен на еден столб, каде што ги преживувал сите климатски промени на Арденските планини, пребивајќи во постојана молитва. Се хранел со сосема малку храна и овошје, а неколку голтки вода биле доволни за да го помине денот. Јазичниците, кои живееле во околината, биле поразени од неговата красноречивост. Христијаните, пак, уште повеќе се зацврстиле во својата вера, а новопокрстените јазичници ја урнале статуата на богињата Дијана, на која дотогаш ѝ се поклонувале. Истата ноќ, лукавиот ѓавол, кој не можел да се помири со уривањето на статуата на лажната богиња, направил преподобниот тешко да се поболи, но откако тој се помазал со свет елеј од гробот на свети Мартин, веднаш оздравел.

Светиот имал цврста намера да го продолжи својот подвиг качен на столбот, но локалните епископи се собрале околу него со молба да се симни и да започне нормален живот со сите оние, кои сакаат да им биде духовен раководител. Преподобниот се покорил на наредбата на епископите, па се симнал од столбот. Столбот бил урнат, а светиот никогаш повеќе не го издигнал, зашто така му наредиле епископите. Заедно со своите ученици, тој почнал да проповеда по блиските села и градови, а набргу го основал и манастирот, заедно со прекрасната базилика, посветена на Свети Мартин, на врвот на една планина, оддалечена околу 8 милји од Епосиј.

По неговата смрт, преподбниот Венделин бил погребан во црквата, која тој ја подигнал. На 7 јули 979 година, неговите свети мошти биле пренесени во манастирот Карињан. Неговите ученици преминале под духовно раководство на игуменот од манастирот Орвал. Денес, во близината на местото Маргут, каде што се подвизувал преподобниот, постои римокатолички манастир, посветен во негова чест. Споменот на свети Венделин, Православната Црква го празнува на 21 октомври според Јулијанскиот календар.


[1] Венделин = патешественик.