СИТЕ НАРОДИ ЌЕ СЕ СОБЕРАТ ПРЕД НЕГО…
Уметничките и книжевните претстави на Страшниот суд и пеколот, особено оние од средниот век, немаат многу допирни точки со евангелската концепција за пеколот, заснована на Христовото учење. Имено, во својата проповед за Страшниот суд, Христос зборува за блажените, за оние кои го примаат „Царството подготвено од основањето на светот“, и за проклетите, оние кои одат во „вечниот оган“. Блажени се оние кои нахрануваат гладни, им даваат вода на жедните, го гостат туѓинецот, облекуваат гол, ги посетуваат болните и затворениците, а проклети се сите оние кои не правеле такви дела. На прашањето, што му го поставиле и двајцата, подеднакво збунети, а кое гласи: „Кога (не) ти го направивме сето тоа?“, Христос одговара: „Вистина ви велам: кога (не) сте го направиле на еден од најмалите од овие мои браќа, вие (не) ми го направивте тоа ни мене.“ Значи, просто и едноставно, проклети сме и во пеколот сме, кога не гледаме и не помагаме конкретни личности, нашите најмали браќа/сестри, ближните на Божјиот Син.
Но, да се вратиме за момент на сцените што ги спомнавме. Во нив јасно се гледа заборавањето на Бога, кое најпрвин започнува со заборавањето на човекот, заборавањето на пораката на Христовото учење, кое нагласува дека, целиот свет е содржан во еден човек и дека спасението на еден човек, без разлика на неговата религија, раса, пол, положба и возраст претставува спас на целиот свет, на целиот космос. Кога игнорираме еден човек, а милиони се игнорираат пред нас секој ден, ние го игнориравме целиот свет. Не постои цена што би можела да се плати за жртвата на еден човек, заради опстанок на некоја група, држава, империја, политички или економски систем. Цената на спасувањето на овој свет, неговата вкупна вредност, се определува со тоа, дали сме подготвени, или не, да сториме сè за да помогнеме само на еден човек, само на еден од најмалите Христови браќа, а тоа е речиси секој човек кој е загрозен, на кој му треба нашата помош и заштита.
Една од низата шокантни слики од бегалската криза, најшокантна за мене лично, е сцената на родител како го фрла своето дете во рацете на еден војник, кој е од другата страна на бодликавата жица. Тоа е сцена на незадржлив очај и, би рекол, бесмислена надеж. Со еден збор, слика на човекот. Сето човечко знаење, сета свест, сета вера, некако избледува пред оваа слика. Повторно, не ми останува ништо друго освен да се вратам на Светото писмо, бидејќи истата слика постои во него со векови. Раскажувачот вели дека, според заповедта на фараонот, секое машко дете од еврејскиот народ требало да биде погубено. Жената Еврејка, за да му го спаси животот на детето, го ставала детето во лулка и го пуштала по реката, со навидум бесмислена надеж дека некој ќе го најде и ќе го нахрани. На ум ми доаѓаат сликите од моќниот Нил и сите оние страшни ѕверови што живеат во него. Но, напуштеното дете го нашло и го одгледало детето на својот прогонител, ќерката на фараонот. Таа го именуваше Мојсеј. Продолжението на приказната е добро познато. Накусо, Мојсеј, роден од очајната мајчинска надеж и љубовта на ќерката на фараонот, го порази фараонот одвнатре, среде неговата империја, ослободувајќи цел народ кој со сила и страв го држел во ропство.
Многу луѓе, потресени од секојдневните безмилосни настани во светот, ќе се запрашаат како да се спротивстават на немилите настани или што да прават со тоа? Сепак, колку и да звучи чудно, судбината на светот се решава овде и сега. Можеме, повторувам, декларативно да ги осудиме политичарите кои носат погрешни одлуки за судбината на еден народ, но тоа нема да ни помогне ако не сфатиме дека покрај нас, сега и овде, еден од Христовите „мали“ секогаш стои, и дека ако не го видиме, проблемот е во
Continue reading →