Смешно, зар не!?

СМЕШНО, ЗАР НЕ!?

Во овој свет, и кога има мир, луѓето се убиваат на разни начини, и со оружје, и без оружје. Во светот има многу убиства и самоубиства, а колку повеќе би ги имало, ако го немаме стравот од казната, и кога би можеле тие да се извршат тајно. А колку многу има убиства во главите на луѓето, кои страдаат од омразата? Но, оваа наша мила земјичка, може да ги поднесува потта и солзите, но не може да ја поднеси крвта, зашто крвта повикува од Земјата кон Небото со глас за осуда и освета! Ете токму од таа човечка крв, која бесмислено ја лееме со години и години, Земјава се треси, и болести идат, и реките поплави ни носат, и бури се подигнуваат, и тајфуни, и урагани, и циклони кои носат се’ што ќе им застане на патот! И нам пак не ни иди умот! Зошто ваква болест? Зошто овој вирус? Долга и широка е лепезата на индикации. Од кај и да почнеме, нема да згрешиме: омраза, навреди, хули, кривоклетство, освети, арамилаци, лаги, завист, измами, бес, гнев, труење на душите со страв и немир, насилство, бесрамност, клевети, немилосрдност, војни кои ни носат логори, принудна работа, ропство, затвор, злоупотреба на власт, убиства, крвопролевање, валкање на туѓата чест, исмејување на секоја светиња, а тука блиску е и криминалот во сите негови зли форми, па развратот, блудот и проституцијата, па силувањата, алкохолот, дрогата, абортусите, искривоколчување на природниот нагон за создавање на живот во блуден разврат, постојан бунт против се’, против редот и поредокот, грдите зборови, потсмевот со се’ и пцуењата преку кои се излива сиот јад и гад на душата, цинизмот, подлоста… Запамтете, од човекот нема поголем егоист, него не го интересираат несреќите на ближниот, па колку и да глуми дека е филантроп! Затоа, на мировните конференции учествуваат луѓе, кои дома оставиле натрупан потенцијален убиствен арсенал… И од нив бараме спас и помош!? Смешно, зар не!?

„The Robe“

„The Robe“

Во прекрасниот роман „The Robe“ од Lloyd C. Douglas, Маркелиј го прашува Јустиј: „Што мислиш, каде замина Христос?“.

Јустиј одговори: „Не знам пријателе, знам само дека е жив и постојано очекувам да Го видам. Понекогаш сум свесен за Неговото присуство, како да е блиску до мене“. Јустиј едвај се насмевна, со очи полни со солзи. „Тоа те држи чесен, продолжи да зборува, не паѓаш во искушение да измамиш, или проневериш, или повредиш некого, кога знаеш дека Христос стои покрај тебе“.

„Мене би ми било многу непријатно, забележа Маркелиј, кога вечно би бил набљудуван од некое невидливо присуство“.

„Нема зошто да ти биде непријатно, ако тоа приуство ти помага да се одбраниш од себе си, Маркелиј. Прекрасно е чувството кога некој стои покрај тебе за да те поддржи да бидеш најдобар што можеш“ – му одговри Јустиј.

Да не заборавиме! Бог не не’ гледа од врвот на некоја зграда, туку од чесниот Крст. Преку Христа научивме дека Божјите очи се полни со нежна љубов и милост. Он не не’ гледа затоа што сака да не’ казни, туку затоа што не’ љуби. Всушност, Он не’ љуби толку многу, така што не може да го тргне Својот поглед од нас. Он не’ гледа во нашите страдања и болки, во нашата тага, па дури и во гревот. Но, и кога не’ гледа во гревот, не’ гледа со љубов што повикува на покајание!

Да помислиме на состраданието во очите на Христа, зашто тоа се очите, низ кои Бог не’ гледа и денес. Какво сострадание имал во Своите очи, кога го гледал Ерусалим и заплакал за него? Какво сострадание покажал во Својот поглед, кога ги исцелувал болните и воскреснувал мртви? Какво сострадание имал, кога плачел пред гробот на Неговиот пријател Лазар? Бог гледа на срцето. Бог го гледа карактерот. Бог ги гледа вистинските мотиви зад секое дело. Бог прави разлика меѓу стварното и нестварното, меѓу изразот и намерата, меѓу маската и лицето…

Во евангелското четиво, кое се чита во Неделата на Православието, слушаме како Натанаил Го праша Христа: „Од каде ме познаваш?“. А Христос му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, ЈАС ТЕ ВИДОВ!“.

„Лудак“

„Лудак“

Повторно го читав расказот „Лудак“ од Фридрих Ниче, во кој ни е даден застрашувачки опис токму на нашето безбожно време и на ваквата вирусно-коронарна ситуација. Лудакот, секое утро ја пали светилката и талка по плоштадот, постојано и гласно викајќи: „Го барам Бога!“. Потсмешливците околу него иронично му возвраќаат: „Кај го загина бре?“, „Зошто го бараш?“, Да не си игра криенка со тебе?“, „Да не се исплашил од тебе?“, „Изгледа заминат е на далечен пат!“…

И тогаш Лудакот почнува да ги стрела со погледот и им одговара: „Јас ќе ви кажам каде е Бог! Ние го убивме – вие и јас! Сите ние сме богоубијци. Чудно ви е како го направивме тоа? А како бевме во состојба да го испиеме морето? Кој ни даде сунгер да го избришеме целиот хоризонт? И каде одиме сега? Ваму или таму? Напред или назад? Горе или долу? Никаде или секаде?… Па зарем не ви е се’ постудено и постудено? И зарем не е околу нас ноќ, и пак ноќ, и пак… Тогаш, зошто наутро не ги палите светилките? Зарем не ја слушате бучавата на гробарите, кои секој ден Го закопуваат Бога? И ние, убијци над убијците, како ќе се утешиме? Она што е најсвето и најмоќно, кое светот воопшто го има, секој ден крвари под нашите ножеви! И кој ќе ја измие сета крв од нас? Има ли вода која ќе не’ испери?“ Би додал: ИМА ЛИ БОЛЕСТ КОЈА ЌЕ НЕ’ ВРАЗУМИ??? ИМА ЛИ ВИРУС КОЈ ЌЕ НЕ’ ОПАМЕТИ?

На крајот од расказот, Лудакот замолчи, погледна строго во оние кои го слушаа зачудено, ја фрли светилката на земјата, ја скрши и замина… Би завршил за денес: Ако денес има нешто што не’ поврзува сите нас, тоа е страдањето! Сите страдаме! Едноставно кажано: Да страдаш, значи да си човек!