Прилепските црковни хорови

ПРИЛЕПСКИТЕ ЦРКОВНИ ХОРОВИ

Црковно-хорската историја на градот Прилеп најтесно е поврзана со личноста на Атанас Бадев. Оваа историја претставува богата дејност во овој регион, па и пошироко, зашто Прилеп бил расадник за доста црковно-музички дејци.

Првиот црковен хор е формиран во 1879 година, токму од Атанас Бадев, кој како ученик во Софиската гимназија, за време на летниот распуст, ја започнал оваа иницијатива. Овој хор веднаш на почетокот од своето формирање пеел четиригласни духовни творби. Овие хорски композиции, најчесто наречени „концерти“, потекнуваат од руски и други словенски композитори. Еден од најзастапените композитори во репетоарот на хорот бил Дмитриј Бортњански. Кога се говори за овој прилепски црковен хор, интересно е да се одбележи дека во него, покрај повозрасните ученици, учествувале и постари црковни псалти, како, на пример, Тодор Гавазов и Георги Смичков, што покажува дека повеќегласната духовна хорска музика, заснована врз западноевропски принципи, била усвоена и од повеќе црковни псалти, кои биле воспитани врз византиската духовно-музичка традиција.

По Атанас Бадев, раководител со прилепскиот црковен хор станал учителот Јанчулев, кој дал свој придонес за натамошното унапредување на овој хор. Во учебната 1880/81 година, раководењето со хорот го презел учителот од основното училиште, спомнатиот црковен псалт, а подоцна и мелограф – Георги Смичков. Од постоечките музички и други документи, произлегува констатацијата дека овој културен работник бил централна личност на духовниот и световниот музички живот на Прилеп во последните децении на XIX век. Додека неговиот сограѓанин Атанас Бадев имал можност да го оформи своето музичко образование кај професори од светски ранг, каков што бил Николај Римски-Корсаков, Георги Смичков музички се изградувал во средината од која потекнувал, веројатно во околните манастири, каде имал можност да ги усвои на непосреден начин автохтоните елементи на македонското црковно пеење, базирано врз Дамаскиновиот осумгласник.

Желбата за усвојување на западното нотно писмо, кај Смичков била необично голема, веројатно поради сознанието дека со неговата употреба на музичарот му се отворале пошироки перспективи во творечката работа. Поради тоа, тој одел во Солун и набавувал литература за таа цел. Како самоук, овој прилепски црковен псалт и учител, успеал да ги усвои принципите на европската линиска нотација и да се подготви за мелографска дејност. Познавањето на европската и Хризантовата византиска нотација, му послужило на Смичков за потребите на хорот да ги испишува штимовите на определени духовни композиции од европска, на византиска нотација. Од материјалот од овој вид, кој е архивиран, испишан од раката на

Continue reading