Недела пред Рождество Христово

qz2i3kНЕДЕЛА ПРЕД РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО

(Недела на Светите Отци)

(Неделниот ден од 18-24 декември според Јулијанскиот календар)

„Голема е тајната на побожноста: Бог се јави во плот…“

(1. Тим. 3: 16)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Во предвечерието на Христовото Рождество, кога сите ние го оче­куваме воплотувањето на Синот Божји, колку трогателно и кол­ку внимиателно све­та­та Црква си спомнува за сите оние, кои го при­нес­ле своето тело и својот живот за да се роди нашиот Спасител.

Денес е празник на Господовите претци. Секој од нас во свое­то тело, во својата душа го носи сето минато на човечкиот род. И Хрис­тос, Кој се при­соеди­нил кон човештвото, не се појавил како нов чо­век, како нова Божја твор­ба. Он ја примил Својата човечност од ил­ја­дагодишната историја на човечкиот род. Во Неговото тело, во Не­говото човештво живееле сите оние, кои живееле и низ историјата до Неговата појава.

А секоја година во неделата пред Христо­во­то Рождест­во, на литургијата се чита делот од Евангелието според Ма­теј, кој се нарекува „Книга за родството на Исуса Христа“. Мно­гу­ми­на од нас си го имаат поставено прашањето: па зарем има потреба од читањето на толку многу имиња и дали тие, воопшто, нешто зна­чат за нас и нашето духовно усовршување? Но, ако подлабоко раз­мис­лиме за суштината на денешниот ден, лесно ќе сфатиме дека на­вис­тина богомудра е одлуката на светите отци, кои одлучиле токму денес да се чита овој евангелски фрагмент.

Пред сè, треба да знаеме дека сите тие личности кои се спо­м­ну­ваат се семејството на Господа Исуса Христа, каде што Он припаѓа по Своето човеш­тво. Сите тие се Негови роднини. И тоа е доволно за тие имиња да бидат значајни за нас: Христос е една крв со нив, Хрис­тос е член на тоа семејство. За Божјата Мајка секој еден од нив може да рече дека таа е родена во тоа семејство; таа е ќерка на нашиот род; но, исто така, и за Христа секој од нив може да рече дека и Он е ро­ден во нашето семејство, зашто Он е наш Бог, наш Спасител, при­сус­тво на Самиот Бог Отец меѓу нас.

Освен тоа, некои имиња од овој ро­до­слов се истак­нуваат по својата специфичност и значајност. Имено, меѓу нив има имиња на светии, подвижници по дух, но има и имиња на грешници кои историјата ги запишала на своите страници.

Светиите можат да нè научат што значи верата за нас: таа не е само обично и просто умствено убедување или некаков поглед на све­тот, туку целос­на доверба кон Бога, неограничена верност кон Него и подготвеност целиот свој живот да го жртвуваме за она, кое Нему Му е мило и за она што Он е. Во „Книгата за родството“ се спомнува пра­­ведниот Авраам, чија вера била подло­же­на на натчовечки ис­ку­ше­­нија. Само за миг да помислиме колку е тешко да се откажеме за­ра­­ди Бога од нешто што привидно е „наше“. Но, на Авраам му била пред­­јавена потребата да го принесе како крвна жртва своето соп­с­т­ве­но чедо, но тој не посомневал во Бога! А што направил Исак? Тој се потчинил на Божјата волја без никакво спротивставување, во со­вр­ш­ена и верна послушност кон својот татко, а преку него и кон Бога.

Исто така, денес можеме да се потсетиме и на борбата на Ја­ков со Анге­лот во ноќта, слично на нашата борба во гревовниот мрак, во мракот на сом­неж, во мракот кој нè окружува од сите стра­ни. Нашата борба има за цел да ја сочува нашата вера за да не ја за­гу­би својата вистинитост и да остане чиста и неизвалкана до крајот на векот.

Но, можеме да се поучиме и од оние, кои во историјата влегле и нам ни се познати како грешници. Тие биле кршливи по дух и кај нив, во еден одреден период, не постоела волја и желба да се спро­тив­ста­ват на телесните страсни потреби. Сепак, и тие имале вера во Бо­га, но искушенијата кои врз нив надоаѓале биле посилни да ги от­трг­нат од Божјата близина, па лесно паѓале во мрежите и стапиците на лу­кавиот. Еден од таквите грешници е славниот и прочуен цар Давид. Во моментот кога сфатил колку многу длабоко е пропаднат во гре­вов­ната јама, во еден од своите псалми извикал: Од длабочината на сво­јата душа повикав кон Тебе, Господи! Од длабочината на оча­ја­ние­то, од длабочината на срамот, од длабочината на оттуѓувањето од Бога, од најмрачни­те длабочини на својата душа тој со повици го ба­рал Бога и Божјата близина. Цар Давид не се обидел да се крие од Бога, не се обидел ниту да бега од Бога, туку, напротив, трчал кон Него со очајнички крик на човек кој се кае за своите гревови. Ете, со таква конкретна реалност во Светото Писмо се истакнуваат и други мажи и жени, кои историјата ги запамтила како грешници, како блудни­ца­та Раав и многу, многу други.

И сега, кога ги знаеме примерите од старозаветните правед­ни­ци, да си го поставиме прашањето: кога ние врвиме низ најмрачните ни­зини од својот живот, кога сме завиткани со гревовен мрак кој про­дира длабоко во нас – се обраќаме ли и ние кон Бога од длабочината на тој мрак со зборовите: Кон Тебе, Господи, повикувам! Кон Тебе е на­сочен крикот на мојата душа… Да, Господи, јас сум во мрак, но Ти си мој Бог. Ти си мој Бог, Кој си ги создал и светлината и темнината: Ти пребиваш и во темнината, како што пребиваш и во заслепувач­ка­та светлина; Ти си и во адот, но Ти си и на Престолот. Затоа, каде и да сум јас, секогаш од длабочината на моето срце слободно можам да по­викам кон Тебе и да Те најдам. Да Те најдам и да се избавам од по­гу­бителниот мрак, па да тргнам по спасителниот пат кој води до Тебе и Твоето Царство.

Што уште треба да запаметиме од се­ќа­ва­њето на сите овие имиња. Иако за многумина од нас тие се само ими­ња за кои и по нешто знаеме од историјата на Светото Писмо, а за некои и ништо не знаеме, сепак, тие се конкретни луѓе, мажи и же­ни, подобни на нас по нежноста, по надежта, по непостојаната волја, по осакатената љубов… Тие луѓе се конкретни и реални, па затоа нив­ните имиња треба да ги читаме со чувство, зашто, иако нам не ни се познати, сепак, тие го составуваат Христовото семејство, кое, исто така, е конкретно и реално, и не обрнувајќи толку многу внимание на нив­ниот начин на живот, тие, во крајна мера, припаѓаат на Бога.

Секогаш да си спомнуваме за нивните имиња со страв Божји и благодарна мисла, зашто тие имиња низ илјадагодишната историја ја ткаеле плотта и човеш­твото Христово. Но, да си спомнуваме и за си­те наши претци, знајни и незнајни, за сите оние, за кои се радува нашето срце, а и за оние, од кои се срами нашата суета – да ги спом­ниме сите со желба и надеж дека и Господ Бог ќе ги спомне сите нив во Царството на светиите.

Во нас и со нас постојано живее и минатото. Со Својата појава Христос го осветил целото минато и сиот свој родослов. Сите, без ос­та­ток, постанале свои, роднини на Бога, роднини во самата најсилна смисла на тој збор. Сите ние можеме преку својот живот, труд, под­виг, стремеж кон Бога, носталгија кон Бога, борба за Бога, за Не­го­ва­та победа во нас, да го осмислиме и оправдаме сето минато на на­ши­от род и да го принесеме како дар пред Бога, па постану­вајќи и ние Негови роднини, да ги исправиме грешките на оние кои живееле пред нас и да го обелиме нивното лице пред праведниот Суд.

Колку е сето тоа убаво и блажено и колку може сето тоа да ги вдахновува нашите животи! Зашто ние не живееме само за себе, ние не живееме ниту само за своите ближни, ниту само за оние кои ги љу­би­ме, ниту само за оние кои ни се непријатели – ние живееме за сето човештво, а преку него за судбината на сета вселена. Нека е слава на Бога кој ни дал толку многу и Кој до последен миг го чека нашето обраќање и покајание. Амин!

One thought on “Недела пред Рождество Христово

  1. Pingback: 28-та недела по Педесетница. За повиканите и избраните | Christian Kresall

Leave a comment