Свети Албан, Британски првомаченик

sveti-albanЖИТИЈА НА БОЖЈИ УГОДНИЦИ, КОИ ЗАСВЕТЛИЛЕ ВО ЗЕМЈАТА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АЛБАН, ПРВОМАЧЕНИКОТ БРИТАНСКИ, ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 22 ЈУНИ

(209-305; Alban of Britain)

Светиот Британски првомаченик Албан,[1] според преданието и историските податоци, роден е во 209 година. Историчарот и хронолог Беда Почитуваниот,[2] запишал дека тој пострадал во времето на римскиот император Диоклецијан, а пак други извори тврдат дека тоа се случило во времето на Септимиј Север. Расказот за неговото мачеништво е преземен од третата, последна, редакција на „Страдањата на свети Албан“ (Passio Albani), објавена од В. Мејер при крајот на XIX век.

Беда Почитуваниот вака го опишува неговото мачеништво:

„ …Во тие времиња, Диоклецијан на исток и Максимијан Херкулиј на запад, ја разоруваа Црквата и ги гонеа и убиваа христијаните, десеткратно повеќе од времето на Нерон. Тоа гонење беше многу пожестоко и посвирепо, отколку сите претходни, зашто тоа траеше десет години без прекини, и беше проследено со палење на црквите, гонења на невините и казнувања на мачениците. Исто така, и Британија во тоа време стекна голема слава од своите Божји исповедници.

Во времето на тоа гонење пострада и свети Албан. Фортунат, во својата „Пофалба на девојките“, каде што тој ги пребројува блажените маченици, кои заминале при Господа од целиот свет, за него говори: ,Славниот Албан, плодородниот жител на Британија’. Кога безбожните управници издадоа жестоки едикти против христијаните, Албан, кој тогаш сеуште бил јазичник, му пружил засолниште на некој клирик, кој бегал од гонењата. Кога Албан видел дека клирикот деноноќно поминува во постојана молитва и бдеење, Божјата благодат слегла врз него, па и тој почнал да го поддржува светиот гостин во верата и благочестивоста. Откако набргу ја дознал вистината за спасението, Албан го отфрлил мракот на идолопоклонството и постанал искрен христијанин. Откако клирикот поминал неколку дена во неговиот дом, до ушите на локалниот нечестив управник стигнал глас дека кај Албан се крие уште еден Христов исповедник, па веднаш ги испратил војниците да го претресат домот. Кога тие пристигнале во домот на маченикот, свети Албан, наместо својот гостин, доброволно излегол пред војниците, притоа наметнувајќи ја облеката од клирикот. Токму така облечен, војниците го врзале и го одвеле пред судијата.

Но, ете, се случило во истиот момент, кога пристигнал Албан, судијата да им вознесува жртви на демоните (според христијанската традиција, Беда секогаш и секаде јазичничките богови ги именува демони). Откако судијата го видел Албан, се разгневил за тоа што еден свој истоверник се осмелил да се предаде самиот на војниците и да се изложи на голема опасност, и тоа само поради скриениот гостин. Судијата го зел за рака Албан, го привел пред демоните, пред кои стоел, и му рекол: ,Ти претпочиташ да го скриеш кај себе бунтовникот, наместо да им го предадеш на војниците, та тој да ја понесе заслужената казна за хулата, која им ја нанесе на нашите богови. Поради тоа, ти самиот ќе бидеш казнет, доколку ги отфрлиш обичаите на нашата религија’. И свети Албан веднаш, јавно и отворено, пред сите непријатели на верата објавил дека е христијанин, па вооружен со духовно оружје, храбро ги отфрлил неговите предлози.

Тогаш судијата го прашал: ,Од кое семејство потекнуваш и од кој род?’.

Албан одговорил: ,Што е важно за тебе моето семејство и мојот род? Ако сакаш да знаеш за мене – јас сум христијанин и подготвен сум да го исполнам својот долг како христијанин’.

Судијата му рекол: ,Јас имам потреба да го слушнам твоето име, па затоа говори без двоумење и развлекување’.

Тој одговорил: ,Моите родители ме нарекле Албан, а јас се колнам дека секогаш ќе Му служам и ќе Му се поклонувам на вистинскиот Бог, Кој создал сè што постои’.

Судијата во гнев извикал: ,Ако сакаш да се насладуваш од даровите на вечниот живот, принеси им жртви на големите богови’.

Албан одговорил: ,Жртвите, кои вие им ги принесувате на демоните, не можат да им помогнат на оние, кои ги принесуваат и не ги исполнуваат нивните молби и барања. Напротив, оние, кои им се поклонуваат на идолите, за казна ќе бидат предадени во пеколот за вечни маки’.

Откако го слушнал тоа, судијата се исполнил со гнев и наредил да го бичуваат светиот Божји исповедник, надевајќи се дека од ударите ќе ослабне и ќе ја загуби цврстината на духот, која се манифестирала во неговите зборови. Албан, пак, иако подложен на најжестоки измачувања, трпеливо ги поднесувал, па дури и радосно во името на Господа. Судијата, откако видел дека измачувањата нема да успеат да го натераат да се откаже од вистинската вера, предложил да го предадат на смрт.

Кога го повеле за спроведување на казната, тој поминувал покрај една брза река (се претпоставува дека таа е реката Вер), која течела меѓу градските ѕидини и арената, каде што требало да пострада, па таму здогледал голем собир на луѓе од сите возрасти и сталежи, кои, по Божја промисла, дошле со свои очи да го видат блажениот исповедник и маченик. Тие до последно место го исполниле големиот мост, така што на него не можело ни да се помине. Се насобрало толку многу народ, така што во градот останал само нечестивиот судија, дури и без своите помошници. Свети Албан, искрено посакувајќи што побргу да ги прими маките, се спуштил до реката и ги подигнал очите кон небото. Во тој момент дното на реката се отворило и сите насобрани виделе дека се направил пат за него. Меѓу оние, кои биле очевидци, се наоѓал и џелатот, кој требало да ја спроведе казната. Придвижен од Божјото вразумување, во моментот кога светителот тргнал кон местото за казнување, џелатот го фрлил мечот кој го носел, паднал на колена пред исповедникот, гласно извикувајќи дека и тој е подготвен да прими смрт заедно со маченикот, па дури ако треба ќе прими смрт наместо него.

И ете, кога од гонител на вистинската вера, тој се претворил во нејзин следбеник, а другите џелати се плашеле, не можејќи да се убедат кој да го подигне мечот од земјата, преподобниот Божји исповедник, следен од насобраниот народ, се искачил на еден рид, кој бил густо обраснат со диви цветови од сите видови, а се наоѓал на оддалеченост од 500 чекори од арената. Ридот не бил ни стрмен, ни нерамен, но самата природа го направила да биде пријатен за искачување. Едноставно, како да бил создаден за да ја прими крвта на блажениот маченик. Откако дошол до врвот на ридот, свети Албан се помолил на Господа да биде испратена вода, и во тој момент непресушен извор бликнал од подножјето на неговите нозе, па сите виделе и се убедиле дека и водата му служи на маченикот. Откако водата ја исполнила својата должност, се вратила во своето корито, но останала да сведочи за чудотворноста на Божјиот угодник. И на тоа место, славниот маченик бил обезглавен и примил венец на животот. Но оној џелат, кој се осмелил да го подигне мечот врз вратот на благочестивиот, не се израдувал на неговата смрт, зашто неговите очи паднале на земјата, заедно со главата на маченикот.

На тоа место бил обезглавен и џелатот, кој откажал да му ја пресече главата на маченикот. Во овој случај, сосема е јасно дека, иако тој не бил измиен со водата на крштението, сепак, се измил со сопствената крв и бил удостоен да влезе во Царството небесно. Судијата, пак, се исплашил од необичните небесни појави, почнал да ги прекинува гонењата и почнал да има почит кон светителите, зашто тој бил восхитен како тие се соочуваат со смртта, иако и натаму тврдел дека бил способен да ги натера да се откажат од христијанската вера. Кога се вратиле мирните времиња за христијаните, на местото каде што биле убиени мачениците, била подигната прекрасна црква, а и денес на тоа место се лекуваат болни и не престануваат да се извршуваат секакви чуда“.

Според преданието, свети Албан пострадал во длабока старост, во 305 година во гратчето Веруламиј. Во негова чест, од XI век тоа место е наречено St. Albans, а денес е северно предградие на големиот Лондон. Свети Албан денес е заштитник на Сурошката епархија на Руската Православна Црква, како и на бегалците и жртвите на тортура. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 22 јуни според Јулијанскиот календар.

[1] Албан = бел човек (најверојатно, од латинскиот термин за белите планини Алпи).

[2] Свети Беда Почитуваниот (Bede the Venerable; 673-735) е англосаксонски еромонах, историчар и егзегет, преведувач на Библијата. Уште од најмали години, па до крајот на својот живот, живеел во замокот на семејството Џероу, во постојана молитва и изучување на науките. Тематиката на неговите трудови е најразновидна, но негова главна преокупација биле историските и агиографските записи, кои му го донесле епитетот – „Татко на средновековната историографија“. Тој напишал и кометари на многу библиски книги, кои и денес уживаат голем авторитет кај современите егзегети. Пред смртта започнал да го преведува и Евангелието според Јован на англосаксонски јазик. Во 1899 година е канонизиран за светител, а неговиот спомен се прославува на 26 мај според Јулијанскиот календар.

Leave a comment