Сите народи ќе се соберат пред Него…

СИТЕ НАРОДИ ЌЕ СЕ СОБЕРАТ ПРЕД НЕГО…

Уметничките и книжевните претстави на Страшниот суд и пеколот, особено оние од средниот век, немаат многу допирни точки со евангелската концепција за пеколот, заснована на Христовото учење. Имено, во својата проповед за Страшниот суд, Христос зборува за блажените, за оние кои го примаат „Царството подготвено од основањето на светот“, и за проклетите, оние кои одат во „вечниот оган“. Блажени се оние кои нахрануваат гладни, им даваат вода на жедните, го гостат туѓинецот, облекуваат гол, ги посетуваат болните и затворениците, а проклети се сите оние кои не правеле такви дела. На прашањето, што му го поставиле и двајцата, подеднакво збунети, а кое гласи: „Кога (не) ти го направивме сето тоа?“, Христос одговара: „Вистина ви велам: кога (не) сте го направиле на еден од најмалите од овие мои браќа, вие (не) ми го направивте тоа ни мене.“ Значи, просто и едноставно, проклети сме и во пеколот сме, кога не гледаме и не помагаме конкретни личности, нашите најмали браќа/сестри, ближните на Божјиот Син.

Но, да се вратиме за момент на сцените што ги спомнавме. Во нив јасно се гледа заборавањето на Бога, кое најпрвин започнува со заборавањето на човекот, заборавањето на пораката на Христовото учење, кое нагласува дека, целиот свет е содржан во еден човек и дека спасението на еден човек, без разлика на неговата религија, раса, пол, положба и возраст претставува спас на целиот свет, на целиот космос. Кога игнорираме еден човек, а милиони се игнорираат пред нас секој ден, ние го игнориравме целиот свет. Не постои цена што би можела да се плати за жртвата на еден човек, заради опстанок на некоја група, држава, империја, политички или економски систем. Цената на спасувањето на овој свет, неговата вкупна вредност, се определува со тоа, дали сме подготвени, или не, да сториме сè за да помогнеме само на еден човек, само на еден од најмалите Христови браќа, а тоа е речиси секој човек кој е загрозен, на кој му треба нашата помош и заштита.

Една од низата шокантни слики од бегалската криза, најшокантна за мене лично, е сцената на родител како го фрла своето дете во рацете на еден војник, кој е од другата страна на бодликавата жица. Тоа е сцена на незадржлив очај и, би рекол, бесмислена надеж. Со еден збор, слика на човекот. Сето човечко знаење, сета свест, сета вера, некако избледува пред оваа слика. Повторно, не ми останува ништо друго освен да се вратам на Светото писмо, бидејќи истата слика постои во него со векови. Раскажувачот вели дека, според заповедта на фараонот, секое машко дете од еврејскиот народ требало да биде погубено. Жената Еврејка, за да му го спаси животот на детето, го ставала детето во лулка и го пуштала по реката, со навидум бесмислена надеж дека некој ќе го најде и ќе го нахрани. На ум ми доаѓаат сликите од моќниот Нил и сите оние страшни ѕверови што живеат во него. Но, напуштеното дете го нашло и го одгледало детето на својот прогонител, ќерката на фараонот. Таа го именуваше Мојсеј. Продолжението на приказната е добро познато. Накусо, Мојсеј, роден од очајната мајчинска надеж и љубовта на ќерката на фараонот, го порази фараонот одвнатре, среде неговата империја, ослободувајќи цел народ кој со сила и страв го држел во ропство.

Многу луѓе, потресени од секојдневните безмилосни настани во светот, ќе се запрашаат како да се спротивстават на немилите настани или што да прават со тоа? Сепак, колку и да звучи чудно, судбината на светот се решава овде и сега. Можеме, повторувам, декларативно да ги осудиме политичарите кои носат погрешни одлуки за судбината на еден народ, но тоа нема да ни помогне ако не сфатиме дека покрај нас, сега и овде, еден од Христовите „мали“ секогаш стои, и дека ако не го видиме, проблемот е во

нас самите, кои од преголема височина гледаме на светот околу нас. Затоа мора вредно да се грижиме еден за друг, спасувајќи се себе си и светот на единствен можен начин, преку взаемна љубов. Во тоа е сета духовност, и тоа е, на крајот, сè што можеме да направиме.

Денес сме посебно загрижени за кризата во која се наоѓа христијанското дејствување во светот, односно, основните религиозни принципи на јудео-христијанската традиција, на која и ние самите припаѓаме. А, едно од основните религиозни начела на споменатата традиција, како што нѐ учи Стариот завет, е љубовта кон странците, која содржи сè, свесноста за ропството на еден народ и неговото избавување од него, што е величествено дело Божјо: „Кој е туѓинец меѓу вас, нека ви биде како роден меѓу вас и сакајте го како себе си; зашто и вие бевте туѓинци во египетската земја. Јас сум Господ, твојот Бог“ (3. Мој. 19: 34). Затоа, основната порака на Стариот Завет е дека вие сте слободни колку што сте подготвени да ослободите друг (странец). Основниот принцип на Новиот завет е љубовта, љубовта кон секого и сè, а показател за тоа колку вистински љубиме, е тоа дали сме подготвени да ги љубиме дури и нашите непријатели. Бакнувањето на непријателот и вртењето на другиот образ не значи откажување од борбата. Напротив, станува збор за жртва (а тоа е борба до крај), за жртва на љубов, која ја полагаме пред друго човечко суштество, за друго човечко суштество, секогаш едно од најмалите Христови. Бидејќи ова е еден од често оспоруваните принципи на Новиот Завет, неопходно е овде да се објасни дека љубовта кон непријателите не е љубов во емотивна смисла, туку во љубовно-доброволна смисла. Љубовта кон непријателите значи, колку што е можно, отсуство на волја да му се наштети, а исто така, колку што е можно, сакање и волја да му се направи добро. Накусо, се работи за онаа фамозна човечност, која го означува нашиот напор да ги спасиме другите од себе, од сопствените слабости, но и за оние често повторувани зборови „да бидеме луѓе“!

На крајот, било кое и било кога „фрлено“ дете (човек) е навистина страшен суд за овој свет. Судот не е во воена или политичка сила, туку во дете фрлено со надеж и верба во подобро, а тоа подобро е единственото утре достојно за човекот. Осудителната пресуда на страшниот суд, им припаѓа на оние, кои замижуваат пред големината и храброста на овој очајнички гест на родителот. Целата негова надеж е во рацете на војникот, како што некогаш била во рацете на ќерката на фараонот. Сето тоа раѓа болка, страдање, тага, жалост и силен страв од животот отколку од смртта, од луѓето отколку од Бога. Затоа, ако не го сакаме и не го примаме странецот, сме го предале Стариот Завет; ако не го сакаме непријателот, ако не го чуваме од себе, сме го предале Новиот завет. И во двата случаи, се предадовме и се осудивме на Страшниот Суд, од кој не може да нѐ спаси ни сета сила и моќ на овој свет.

Господ не очекува од нас да глумиме дека не нѐ допира никаква навреда, дека нѐ ни е сеедно кога некој ни наштетува, дека не нè засега страдањето… Тоа никако! Господ секогаш бара од нас да бидеме искрени, да бидеме автентични. Но, бара и од нас да бидеме во светот, но не и од светот, со својот живот јасно да покажеме дека сме повикани на нешто повеќе, да го градиме животот според Бога, а не според сопствениот успех или гордост. Затоа Исус денес нè повикува да покажеме дека сме синови на небесниот Отец и да бидеме свети, како што Он е свет. Еве што значи да се биде христијанин: да можеш да носиш конкретни одлуки во текот на животот и да живееш според законот на Љубовта, а тоа можеме да го направиме само ако сме свесни дека навистина сме синови/ќерки на Небесниот Отец! Невозможно е сами да живееме во толкава мера на љубов, но соединети со Бога и во Бога, можеме со Неговата благодат и нашите напори, да се издигнеме над културата на овој свет и да го живееме законот на љубовта.

Ако на злото одговориме со зло, на гневот со агресија, всушност, им дозволуваме на другите да одлучат во која насока ќе се движи нашиот живот. Често мислиме дека нашата слобода е да се одмаздиме, но всушност токму така се лишуваме од слободата и стануваме предмет на механизмот на злото. Нашата слобода се заменува со слободата на оној кој решил да ни направи зло. За да имаме вистинска слобода, треба да бидеме искрени со себе, свесни за сопствената слабост и отворени за големата Божја благодат. Тоа е можно само ако не сме затворени во овој свет, бидејќи е невозможно да се живее добро против неправдата и да не се одмаздуваме, ако мислиме дека постои само овој свет, но многу е можно ако сме свесни дека најголемата правда за секој ќе се реализира во Царството Небесно, каде што ќе застанеме пред Единствениот, Кој има право да суди! Само така ќе можеме да му дозволиме на Бога верно да го истакне во нас ликот на Неговите чеда кои се трудат да живеат во љубов и светост.

„Сите народи ќе се соберат пред Него…“ Тоа ќе биде сцена над сите сцени. Луѓе од сите континенти и сите времиња, црни и бели, Израелци и Арапи, Кинези и Боливијци, верници и неверници, крапински примитивен човек и цивилизиран од атомскота доба… Точно, Обединетите нации, какви што никогаш порано не постоеле.

Да го замислиме и мноштвото водачи на овој свет. Ќе има верски водачи Буда, Конфучие, Мухамед… големи умови, Аристотел, Августин, Ориген…, уметници, Модилјани, Микеланџело, Бетовен… владетели, Цезар, Наполеон, Хитлер, Сталин…

Таму ќе бидат и оние, кои безумно собирале оружје и мирно гледале како милиони деца умираат од глад. Ќе бидат и добродетелниците од овој свет, кои со љубов се грижеле за најзапуштените и најсиромашните. Ќе бидат и сите оние, што ги уништија црномурестите жители на нашата земја, како и сите што се бореа за своите права. Таму ќе одговараат сите што ги потиснаа националните малцинства, а сите што застанаа за нив, ќе добијат признание. На управувачите со медиумите ќе им биде кажано: Јас бев гладен за вистината, а вие Ме храневте со лаги; Бев жеден за убавина, а морав да вкусам толку многу од вашата нечистотија; Јас се стремев кон високи цели, а вие ми ја покажавте нискоста. Сите, кои на било каков начин негирале нечии права: национални, политички, културни, верски, економски или лични, тогаш ќе сфатат дека Му ги ускратил на Христа. Сите, кои се залагале за овие права, ќе сфатат дека се залагале за Христа. Ќе бидат наплатени сите јавни и тајни добри дела, па дури и чашата со ладна вода.

Основата на неговата слава во моќта што ја примил над целото создание, а особено над луѓето, е Неговото славно Воскресение, со кое се прослави дури и како човек при Небесниот Отец. Токму преку Своето Воскресение ја прослави човечката природа и му овозможи на секој човек да ја добие наградата за вечен живот во заедница со него. Свети Кирил Ерусалимски токму заради тоа го истакнува Христовото Воскресение како темел за идниот праведен суд и небесното прославување на светиите: „По Своето Воскресение од мртвите, Христос, откако ќе ја врати нашата природа во претходната состојба, и откако ќе го ослободи човекот од распадливоста – како првенец и нејзиниот прв храм ќе се вознесе кај Отецот, Кој е на Небесата. Но, по малку, Он пак ќе слезе, како што веруваме, и повторно ќе се врати кај нас со ангелите во славата на Својот Отец, за да воспостави Страшен Суд за сите – лоши и добри. Зашто секое суштество мора да дојде на Суд и Господ ќе му врати секому според неговите животни заслуги. На оние од левата страна, кои уживале во земните добра и зло, ќе им рече: ,Одете од мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и неговите ангели!, а на оние од десната страна, т.е. добрите и светите: Дојдете, благословени од мојот Отец. Наследете го Царството подготвено за вас од постанокот на светот! Тие ќе живеат и ќе царуваат со Христа, за да уживаат во небесните добра со неизмерна радост. Откако ќе постанат слични во Неговото Воскресение и ослободени од оковите на старото распаѓање, тие засекогаш ќе живеат долг и неискажлив живот во заецница со вечно живиот Бог“.

Но, вистината за Христовиот суд, пред кој ќе се најде секој човек да одговара за своите постапки, е вистина со која Бог не сака да нѐ плаши, туку пред сѐ, да нè направи сериозни. Оваа вистина, уште повеќе, зборува за возвишеноста и достоинството на нас – луѓето, како и за неизмерната големина на нашите човечки дела. Христос ја манифестира својата царска моќ преку авторитетот што го има над секоја творба, на посебен начин ги суди човечките постапки и им ја дава заслужената награда или казна. Од вистината за вечната награда и казна, извира обврската за нас,  да живееме до крај внимателно кон сè што правиме и да го усогласиме своето однесување со волјата на Оној, Кој може да ни даде вечен живот. Одлично толкување во овој поглед пак ќе даде свети Кирил Ерусалимски, од кое можеме да извлечеме и поттик за живот: „Павле го потврди фактот дека оној, кој водел добар и добродетелен живот, ќе живее со Христа без да престане да ја набљудува Неговата божествена убавина. Имено, тој вели: Самиот Господ – по заповед, на гласот на архангелот, а по повик на трубата Божја – ќе слезе од небото. И прво, мртвите во Христа ќе воскреснат, а потоа ние живите, останатите, заедно со нив ќе бидеме дигнати на облаците во средба на Господа, во воздухот. И така ние секогаш ќе бидеме со Господа (1. Сол. 4: 16-17). Накусо, да го резимираме значењето и моќта на ова место: Оние, кои ја сакаат злобата на светот, ќе паднат во пеколот и ќе останат далеку од лицето Христово. Оние, кои ја љубат добродетелноста и го чуваат печатот на Духот во целост, ќе живеат и ќе пребиваат со Него, гледаајќи ја неговата божествена убавина“.

Затоа, денешното евангелско четиво нека ни биде поттик, со целосна свест и одговорност, да се стремиме кон идниот настан, внимавајќи на секој наш чин, бидејќи преку тоа се дефинираме за вечноста. Присуството на млаките меѓу нас да не ја намали нашата ревност, бидејќи во овој живот се мешаат доброто и лошото, дури и во самата Црква, што не значи дека еден ден нема да се поделат, а судот ќе биде донесен врз основа на Христовите заслуги и нашите дела што сме ги направиле за овој живот. Бог ни дава можност да се покаеме и да живееме во покајание до последниот ден и здив, затоа, да не ја пропуштаме таа можност. Додека сме на земјава, сега и во овој момент, да живееме верно на Христа, Царот, Пастирот и Судијата, зашто кога ќе дојде во слава, тогаш само ќе открие што бевме, и што носевме, и што криевме во нашите срца. Да не бидеме тврдоглави и невнимателни кози, туку да се трудиме да живееме благочестиво, та Господ Исус Христос да нè воведе во полнотата на вечниот живот.

Leave a comment