Православието во Андора

ПРАВОСЛАВИЕТО ВО АНДОРА

Местоположба: Андора или Кнежество Андора (каталонски: Principat dAndorra,француски: Andorre, шпански: Principado de Andorra) е парламентарно кнежество во југозападна Европа. Малата држава, која што се наоѓа на источниот дел од Пиринеите, се граничи на север и на исток со Франција, а на запад и на југ со Шпанија. 

Површина: Со вкупна површина од само 468 км², Андора е една од најмалите држави во светот.

Број на население: Според пописот од 2016 година, Андора брои 77.280 жители.

Официјален јазик: Каталонски.

Религија: Популацијата на Андора воглавно припаѓа на римокатоличката вера (88,2%). Нивни заштитник е Пресвета Богородица од Мериксел. Иако не е официјална државна религија, Уставот признава посебен однос со Римокатоличката црква, нудејќи некои посебни привилегии за таа група. Други христијански деноминации, кои се регистрирани во Андора се: Англиканската црква, Црквата на обединување, Новоапостолската црква и Јеховините сведоци. Малата муслиманска заедница главно се состои од северноафриканските емигранти. Постои мала заедница на Хиндусите и Бахајците, а приближно живеат и околу 100 Евреи во Андора.

Куса историја на државата: Територијата на денешна Андора во античко време припаѓала на Римската империја, а главни центри за романизација на оваа територија во тоа време биле денешните градови Сан-Јулија-да-Лориа и Ескалдес. Во периодот од V-VIII век оваа територија влегла во состав на кралството на Западните Готи. Во почетокот на IX век територијата била опседната од Шпанската марка, основана од Карло Велики. Неговиот син, императорот Лудовик Благочестивиот, во 819 година на Андорците им ја подарил „Големата хартија на слободата“, како награда за храброста, која тие ја покажале во времето на битките со Маврите.

Основањето на Андора се поврзува со одбраната на Западна Европа од арапското навлегување во VIII век. Во текот на долгогодишната опсада на Шпанската марка, андорската територија претставувала важно упориште на

римокатоличката војска, така што потпаднала под силно влијание на Франција, иако од 819 година била дел од имотот на Ургелскиот епископ. Всушност, званичното предавање на земјата се случило во 843 година, кога францускиот крал Карло II и званично му ја предал на грофот Сунифред, како благодарност за помошта во битките против Норманите. Во 1133 година, Ургелскиот гроф Армангол IV „засекогаш“ му ги продал сите права на долината на Ургелскиот епископ Беренгер. Бидејќи епископот не можел сам да ја брани територијата, побарал помош од феудалците од Кабоет. Со женидба, таа област им припаднала на грофовите од Фоикс. Бидејќи дошло до долготраен спор меѓу нив и Ургелскиот епископ, со Мировниот договор од 8 септември 1278 година, со кој била воспоставена заедничка управа над Андора, епископот бил сменет. Областите на грофовите од Фоикс, во 1290 година, со женидба припаднале на семејството Беарн, а потоа, преку наварските кралеви, за време на Хенри IV, во 1607 година му припаднале на францускиот крал. За време на Француската револуција, Франција го одбила натамошното управување врз Андора, но Наполеон I во 1806 година ја прифатил молбата на Андорците и повторно ја презел во положба на сокнежевство. Андора станала целосно суверена држава дури со новиот Устав од 1993 година.

Православието во Андора: Христијанизацијата на Андорците, најверојатно, се случила за време на населувањето на Западните Готи. Во црковен поглед, Андора секогаш била потчинета на Римскиот престол, како пред 1054 година, така и потоа, кога целото население ја прима римокатоличката вера. И покрај тоа, во Андора до денес се сочувани храмови, изградени уште во оние времиња, кога Андорците биле членови на Православната Црква, а таков храм е најдревната градба посветена на Света Колумна во истоимениот град, која датира од IX век.

Во историјата на Андора ќе остане запаметен и еден раритетен настан, кој има допирна точка со Православието. Имено, во 1934 година во Андора се појавил досега единствениот православен крал – Борис Михајлович Скосирев (1896-1944). На 7 јули 1934 година, Генералниот совет на Андора со мнозинство на гласови ја признал неговата власт. Во текот на неколку дена, колку што бил на власт, со поддршка на Андорците вовел конституција, потпишал редица на укази од либерален карактер, но му објавил и војна на бискупот од Ургел. Само по десетина дена од оваа одлука, тој бил уапсен од шпанските гвардејци, кои биле испратени од бискупот. За да се среди напнатата ситуација, во Андора биле испратени и жандарми од француската власт. Неколку членови од Државниот совет, приврзаници на кралот, биле симнати од своите функции. За текот на понатамошниот живот на кралот има малку податоци, но најверојатно тој бил однесен во Франција и затворен во тамошен логор, каде и починал во 1944 година.

Владеењето на православниот крал Борис е оценето како период на нестабилност во Андора, иако идеите за политичка либерализација и економски и стопански развој, кои ги прокламирал тој, се покажале како откривање на „нов свет“ за Андора, зашто оттогаш светот слушнал и за Андора.

Иако оваа куса епизода не оставила длабоки траги во историјата на Андора, сепак, таа го поттикнала интересот на Андорците за руската (православната) култура. Така, по Втората светска војна, во градот Ескалдес е отворен Музејот на руската кукла-матрјошка (Museu de matrioshka), во кој грижливо се чуваат околу 200 примероци од овие уникатни изработки. Месните жители и денес ја ценат и чуваат оваа колекција.

Уште една православна страница од историјата на Андора е поврзана со појавата на Музејот на православната икона „Свети Ѓорѓи“ во градот Ордино (Museu Iconografico Sant Jordi). Тука се собрани околу 100 руски, грчки и бугарски икони од XVI-XIX век. Исто така, поставена е и опширна документарна библиотека и видео-инсерти од местата, откаде што се донесени иконите, како и фотографии од православните манастири и цркви.

За време на туристичката сезона, Андора е посетена од околу 10 милиони туристи, од кои голем дел ги посетуваат и гореспомнатите музеи. Дел од тие туристи доаѓаат од православни земји, па нивниот интерес за постоење на православен храм во Андора е очигледен. Свештениците од Руската Православна Црква – Корсунска епархија, пред 15-тина година имаат покрстено неколку андорски семејства во Португалија, па така, градењето на еден мал православен храм во оваа земја ќе биде од огромно значење за неколкуте руски семејства, кои денес живеат во Андора, како и за самите Андорци, кои одблиску би се запознале со историјата и догмите на нашето свето Православие.

Прот. Златко Ангелески

Leave a comment